
Поранешната шефица на дипломатијата на ЕУ, Федерика Могерини, e еднa од трите лица уапсени од белгиската полиција денеска, во обемна истрага за измама за финансирање на Академијата во Бриж за млади дипломати, изјавиле за „Еурактив“ и нивниот партнер „Де Стандард“ две лица запознаени со истрагата.
Како што пренесува „Еурактив“, Белгиската полиција извршила рации во дипломатската служба на ЕУ, Колеџот на Европа, и во приватни домови како дел од истрагата за наводна злоупотреба на средствата на ЕУ.
Портпаролот на Колеџот, каде што Могерини е ректор од 2020 година, рекол дека не знае дали таа е уапсена и одбил да даде дополнителен коментар.
Инаку, Могерини ја водеше Европската служба за надворешни активности (ЕЕАС) од 2014 до 2019 година и е директорка на Академијата од 2022 година.
Уапсен бил и уште еден вработен во Колеџот на Европа, вклучен во одделот за извршно образование, рекло лицето за „Еурактив“.
Уапсен е и висок функционер на Европската комисија, Стефано Санино. Санино претходно беше генерален секретар на ЕЕАС под Могерини, во периодот кога беше создадена Дипломатската академија. Тој моментално е генерален директор на одделот на Комисијата за Блискиот Исток, Северна Африка и Заливот.
Комисијата потврдила дека полицијата била присутна во зградите на ЕЕАС.

Македонски






