
Во училиштето БОРГ во Грац, Австрија, утрово се случи масовно пукање во кое загинаа најмалку девет лица, додека напаѓачот, кој е десеттата жртва, извршил самоубиство, соопштија локалните власти, пренесе агенцијата АПА.
Најмалку 28 лица, меѓу кои ученици и наставници, се повредени. Напаѓачот, 22-годишен поранешен ученик на училиштето, бил пронајден мртов во тоалет, каде се заклучил и си го одзел животот по нападот. Според австриските медиуми, тој поседувал легално оружје – пиштол и пушка – и пукал во две училници, од кои една наводно била неговата поранешна училница. На социјалните мрежи се појави видео од друга училница во која се слушаат истрели.
Итните служби, вклучително и специјалната единица „Кобра“, брзо пристигнале на местото и ја пребарале зградата. Полицијата соопшти дека ситуацијата сега е под контрола, а учениците биле евакуирани под силно полициско обезбедување.
Црвениот крст мобилизирал 160 вработени, вклучително болничари, лекари од итната помош и 30 членови на тимот за кризни интервенции. Според командантот на спасувачките служби Гери Фоитик, ваквиот обем на ангажман е „многу невообичаен“. Активиран е посебен државен план за итни случаи за згрижување на повредените.
🚨BREAKING: At least 10 people are dead after a GUN MAN goes on a rampage at a school in Graz, Austria.
— The British Patriot (@TheBritLad) June 10, 2025
Eyewitnesses said they heard between 30 and 40 shots.
The identity and the motive of the incident is unclear at this time.
emergency services are on scene. pic.twitter.com/tJjvXQ0huU
Австрискиот претседател Александер Ван дер Белен изјави на платформата „Блускај“ дека нападот „го погодува срцето на земјата“ и дека болката мора да се поднесе заеднички.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и високата претставничка за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, изразија шокираност од нападот.
„Училиштата се симболи на младоста, надежта и иднината. Тешко е да се прифати дека стануваат места на смрт и насилство“, напиша Фон дер Лајен на „Икс“. Калас додаде дека децата треба да се чувствуваат безбедно во училиштата и да учат без страв.
Градоначалничката на Грац, Елке Кар, потврди дека меѓу жртвите има ученици и најмалку една возрасна личност, а мотивот на напаѓачот, за кој полицијата верува дека дејствувал сам, сè уште не е познат.