Skip to main content

Ова е терористички чин, велат властите по пукањето на плажата во Сиднеј, бројот на загинати се искачи на најмалку 12, а 30 се повредени

Принтскрин од видео

Најмалку 12 лица загинаа, а 30 се ранети во пукањето што се случи на плажата Бонди во Сиднеј, Австралија, за време на настан по повод одбележувањето на еврејскиот празник Ханука, соопштија австралиските власти.

Две вооружени лица денеска отворија оган за време на преполн јавен собир по повод првиот ден Ханука.

Премиерот на сојузната држава Нов Јужен Велс, Крис Минс, претходно денеска потврди дека бројот на загинати во пукањето е 12. Тој нагласи дека нападот бил насочен кон еврејската заедница во Сиднеј на првиот ден од Ханука и дека истрагата е сложена и допрва почнува.

Полицијата на Нов Јужен Велс го оквалификува нападот како терористички чин и соопшти дека две лица се приведени, а Еј Би Си јави дека еден од најмалку двајцата вооружени мажи е меѓу загинатите.

Комесарот на Полицијата во Нов Јужен Велс, Малколм Лејнион, на прес-конференција изјави дека еден од осомничените стрелци е мртов, а другиот е во критична состојба. Најмалку 29 повредени се пренесени во локалните болници, додаде тој, меѓу кои и двајца полициски службеници. Портпаролот на итната помош на Нов Јужен Велс претходно соопшти дека 13 лица се пренесени во болниците по пукањето.

Австралискиот премиер Ентони Албанезе го оцени нападот како „шокантен и потресен“ и додаде дека „тимовите за итни случаи се на терен и работат на спасување човечки животи“.

На плажата Бонди се случи разорен терористички напад за време на празникот Ханука. Станува збор за напад насочен кон австралиските Евреи на првиот ден од Ханука, нагласи Албанезе. – Полицијата и безбедносните служби работат на откривање на секој што има врска со овој атентат, додаде тој.

Злото што беше ослободено денеска на плажата Бонди е невозможно да се разбере, рече австралискиот премиер, нагласувајќи дека австралиските власти ќе ги посветат сите расположливи неопходни ресурси за да се осигураат дека еврејската заедница во земјата е заштитена и безбедна.

Видов најмалку 10 луѓе на земја и имаше крв насекаде, изјави за весникот „Сиднеј Морнинг Хералд“ 30-годишниот локален жител Хари Вилсон, кој бил сведок на пукањето.

Израелскиот претседател Ицак Херцог изјави дека Евреите кои отишле да ја запалат првата свеќа на Ханука на плажата Бонди биле нападнати од „подли терористи во еден многу суров напад“.

По почетокот на војната во Газа во 2023 година, забележан е глобален пораст на антисемитизмот, вклучувајќи напади врз Евреи и синагоги. Критиките кон Израел во некои случаи се прелеваат во омраза кон Евреите. Австралија, исто така, е силно погодена од ова, при што во последните две години во земјата беа извршени низа антисемитски напади врз синагоги, згради и автомобили, посочуваат западни медиуми.

Министерот за надворешни работи на Израел, Гидеон Саар, изјави дека е потресен од пукањето. – Ова се резултатите од антисемитските немири на улиците на Австралија во последните две години, со антисемитски и поттикнувачки повици за ‘глобализација на интифадата’, кои денеска се реализираа, нагласи Саар.

Плажата Бонди е меѓу најпознатите во светот. Таа вообичаено е преполна со локални жители и туристи, особено во топлите викенд вечери.

На социјалната мрежа „Икс“ беа дистрибуирани видео снимки на кои се гледаат луѓе на плажата Бонди кои почнуваат да бегаат, а наоколу се слушаат бројни истрели и полициски сирени.

На социјалните мрежи стана вирално видео на граѓанин кој си го ризикуваше животот и успеа да совлада еден од напаѓачите на плажата Бонди во Сиднеј, по што беше опишан како херој од неговите блиски и јавноста. Тој е идентификуван како Ахмед ал Ахмед, муслиман, татко на две деца, јавуваат австралиските медиуми. Тој е хоспитализиран со прострелни рани откако храбро интервенирал за време на терористичкиот напад.

Роднина на човекот кој го оттргна оружјето од еден од напаѓачите изјави за австралиската телевизија 7NEWS, дека Ахмед бил застрелан двапати за време на масовното пукање.

Зборувајќи надвор од болницата, Мустафа потврди дека неговиот братучед, 43-годишниот Ахмед ал Ахмед, е човекот кој веројатно спаси безброј животи кога се соочил и се борел со напаѓачот.

Мустафа изјави дека неговиот братучед, татко на две деца кој поседува продавница за овошје во Сатерленд, немал никакво искуство со оружје и едноставно поминувал кога донел одлука да интервенира.

Тој е во болница и не знаеме точно што се случува внатре, рече Мустафа. – Се надеваме дека ќе биде добро. Тој е 100 отсто херој, додаде тој. Медиумите посочуваат дека се очекува наскоро да биде опериран.

Идентитетот на напаѓачите и нивните мотиви сѐ уште не се потврдени од властите.

Поврзани вести