
Патнички воз вчера излета од шините во Гелида, во близина на шпанскиот град Барселона, при што загина машиновозачот, а 37 лица беа повредени, изјави портпарол на регионалната влада на Каталонија за Си-Ен-Ен. Инцидентот се случи само два дена по железничката несреќа во Шпанија, во која два брзи возови се судрија во близина на Адамуз во јужната покраина Кордоба, при што загинаа 41 лице.
Вчерашната несреќа се случи за време на патнички превоз на линијата R4 – што ја користат илјадници патници дневно – додека возот се движеше помеѓу општините Гелида и Сант Садурни д’Аноја на североистокот од земјата. Излетувањето беше предизвикано откако потпорен ѕид падна на шините по обилните дождови, според Цивилната заштита на регионалната влада на Каталонија.
Инцидентот се случил околу 22 часот по локално време, според соопштението на операторот на возот.
Службите за итни случаи примиле 28 повици поврзани со инцидентот. Дваесет амбулантни возила од Системот за медицински итни случаи (SEM) и 38 единици од регионалната противпожарна служба беа испратени на местото на несреќата.
Регионалната противпожарна служба на Каталонија објави дека воспоставила безбедносна зона и продолжила со зајакнување на потпорниот ѕид и возот за да го стабилизира местото на несреќата. Тие, исто така, ги евакуирале повредените за да можат да бидат згрижени од локалните служби за итни случаи. Властите изјавија дека е потребно да се извлече едно лице кое останало заробено во возот.
Клауди Гаљардо, инспектор во регионалната противпожарна служба на Каталонија, во телевизиски коментари од местото на несреќата изјави дека четири лица се сериозно повредени, објави Ројтерс.
Тој рече дека сите патници се извадени од возот. Неколку лица биле згрижени со повреди од различна тежина, вклучувајќи го и машиновозачот, кој починал откако му била укажана помош од првите спасувачи.

Македонски




