Skip to main content

Нетанјаху: Израел сака следната деценија да ја намали зависноста од американската воена помош

Фејсбук/The Prime Minister of Israel

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека се надева оти во наредната деценија ќе ја намали зависноста на Израел од американската воена помош, нагласувајќи дека земјата не треба трајно да се потпира на странска поддршка за својата одбрана.

Нетанјаху во интервју за „Економист“ посочи дека Израел не би требало да зависи од странска воена помош, но не наведе прецизен временски рок за целосна независност од американската поддршка.

Сакам да ја намалиме воената помош во следните 10 години, изјави НетанјахуНа прашањето дали тоа подразбира намалување „до нула“, тој одговори потврдно.

Израелскиот премиер наведе дека за време на неодамнешната посета му рекол на американскиот претседател Доналд Трамп дека Израел „многу длабоко“ ја цени „воената помош што Америка ја дава со години“, но и дека земјата во меѓувреме созрела и развила значајни сопствени капацитети.

Во декември, Нетанјаху најави дека Израел ќе инвестира околу 110 милијарди долари во развој на независна индустрија за вооружување, со цел да се намали зависноста од други држави.

Во 2016 година, владите на САД и Израел потпишаа десетгодишен меморандум за разбирање, кој важи до септември 2028 година и предвидува воена помош во износ од 38 милијарди долари – од кои 33 милијарди долари се грантови за набавка на воена опрема, а 5 милијарди долари се наменети за системи за противракетна одбрана.

Израелскиот одбранбен извоз лани порасна за 13 проценти, при што беа склучени големи договори за извоз на израелска одбранбена технологија, вклучително и напредни повеќеслојни системи за противвоздушна одбрана.

Американскиот републикански сенатор Линдзи Греам, близок сојузник на Трамп и долгогодишен поддржувач на Израел, во објава на платформата Икс потенцираше дека „не мора да се чека десет години“ за да почне намалувањето на воената помош за Израел.

Милијардите долари од парите на даночните обврзници што би се заштедиле со забрзување на прекинот на воената помош за Израел би можеле и требало да се насочат кон американската војска“, порача Греам, најавувајќи дека ќе поднесе предлог до израелската влада и до администрацијата на Трамп за драстично скратување на рокот.

Поврзани вести