Skip to main content

Најмалку 90 лица загинаа при експлозија во рудник за јаглен во северна Кина

Најмалку 90 лица го загубија животот по експлозија на гас во рудник за јаглен во северна Кина, јавија денеска државните медиуми.

Засега останува неизвесно уште колку луѓе се заглавени во внатрешноста на рудникот во провинцијата Шанси, лоцирана југозападно од Пекинг, каде што спасувачките напори се одвиваат со полн интензитет. Државната новинска агенција Синхуа претходно објави дека вкупно 201 лице е евакуирано од рудникот по експлозијата што се случи синоќа во округот Ќинјуан, вклучувајќи и осуммина кои веќе биле пронајдени мртви.

Се претпоставува дека во моментот на несреќата во рудникот се наоѓале вкупно 247 работници. Според локалните медиуми, рудникот работел во три смени, а експлозијата се случила токму за време на примопредавањето на смената. Причината за инцидентот сè уште се истражува.

Провинцијата Шанси се смета за јадро на кинеската индустрија за јаглен, која воедно е позната по ниските безбедносни стандарди, поради што ваквите рударски несреќи со голем број жртви не се реткост во земјата. Иако Кина во изминатите години сè повеќе се свртува кон обновливите извори на енергија, јагленот и понатаму покрива нешто повеќе од половина од вкупната потрошувачка на енергија во државата.

Поврзани вести