Skip to main content

Мелони запрепастена од изјавите на Трамп за војниците на НАТО во Авганистан

screenshot

Италијанската премиерка Џорџа Мелони, близок сојузник на Доналд Трамп, ја изрази својата „запрепастеност“ и побара „почитување“ од американскиот претседател по неговите изјави во кои се омаловажува улогата на сојузничките сили на НАТО во Авганистан.

Италијанската влада со запрепастеност дозна за изјавите на претседателот Трамп дека сојузниците во НАТО биле „оставени позади“ за време на операциите во Авганистан. Италија и САД се поврзани со силно пријателство (…) кое е уште понеопходно со оглед на бројните предизвици со кои се соочуваме денеска. Но, пријателството бара почит, фундаментален услов за продолжување на гарантирањето на солидарноста што е основа на атлантската Алијанса“, напиша Мелони во соопштение.

Во интервју за „Фокс њуз“ во четвртокот, американскиот претседател ја критикуваше улогата на другите земји-членки на НАТО за време на 20-годишниот конфликт, за кои рече дека „останале некако оддалечени од линијата на фронтот“, тврдејќи дека на САД „никогаш не им биле потребни“.

Шефицата на италијанската конзервативна Влада потсети дека „по терористичките напади од 11 септември 2001 година, НАТО го активираше Член 5 за прв и единствен пат во својата историја: вонреден чин на солидарност со САД“.

Италија веднаш реагираше со своите сојузници, распоредувајќи илјадници војници и преземајќи целосна одговорност за Западната регионална команда, една од најважните оперативни области на целата меѓународна мисија“, рече Мелони.

Таа ја нагласи цената што ја платила Италија.

53 италијански војници загинаа во борби, а повеќе од 700 беа ранети учествувајќи во борбени операции, безбедносни мисии и програми за обука на авганистанските сили. Затоа изјавите што го намалуваат придонесот на земјите од НАТО во Авганистан се неприфатливи, особено кога доаѓаат од земја-сојузник“, заклучи Мелони.

Претходно во текот на вчерашниот ден, шефот на италијанската дипломатија, Антонио Тајани, и министерот за одбрана Гвидо Кросето веќе одговорија на забелешките на американскиот претседател.

Во врска со посветеноста на Италија, учеството на нејзините вооружени сили во мисиите, нивните вредности, нивните жртви, нивната значајна улога, не можеме и нема да прифатиме површни и погрешни анализи. Од никого“, напиша Кросето на мрежата X.

Поврзани вести