
Поддршката за Украина и зајакнувањето на европската одбранбената подготвеност, заедно со континуиран ангажман со САД, подобрување на односите со Велика Британија, развивањето нови трговски односи со трети земји и зајакнување на врските со „јужното соседство“, ќе бидат на врвот на приоритетите на Кипар за време на претседавањето со Европската Унија во првата половина на 2026 година, кое ќе биде под мотото „Автономна Унија. Отворена кон светот“.
Проширувањето на ЕУ, како што е наведено меѓу приоритетите на Кипарското претседателство, кое официјално почнува од 1 јануари, ќе има истакнато место во неговите заложби, со напори „за одржување на моментумот за кандидатите од Западниот Балкан, како и за Украина и Молдавија“.
– Свесни дека проширувањето останува еден од најтрансформативните и геостратешки инструменти на Унијата насочени кон безбедноста и просперитетот на европскиот простор, Претседателството е посветено на постигнување негов конкретен напредок, а воедно и на зачувување на кредибилитетот на воспоставената методологија на пристапниот процес и нејзиниот принцип базиран на заслуги, се наведува во кипарските приоритети објавени вчера, неколку дена подоцна од претходно планираното.
Кипар посочува дека денес ЕУ се соочува со акутни геополитички превирања и непредвидливост, што не е момент без преседан, бидејќи Европа и претходно се соочуваше со сложени и егзистенцијални кризи, но дека таа успеа да одговори на барањата на времето преку еволуција и засилен напредок.
– Ново е интензитетот, плуралноста и сложеноста на предизвиците и она што овој момент го бара од нашата Унија. Автономијата е неопходниот следен чекор од нашиот еволутивен проект за европска интеграција. Европа без поделби. Поавтономна Унија ќе ја покаже потребната внатрешна сила за соработка со надворешни партнери секогаш кога е можно, а истовремено ќе дејствува независно кога е потребно. Автономијата раѓа сила, а од таа сила ќе произлезе поголема автономија, наведува идното Кипарско претседателство со Советот на ЕУ.
Во однос на „општите работи“, покрај „истакнатото место“ за проширувањето, Кипар најавува силен акцент на владеењето на правото, вклучително и на изградбата на предложениот пакет за Штитот на демократијата, при што негова основна институционална задача ќе биде унапредување на преговорите за повеќегодишниот буџет на ЕУ за периодот по 2027 година и изработка на „позрела преговарачка рамка“ за негово усвојување.
Во делот на „надворешните работи“, Кипарското претседателство ќе се стреми кон зајакнување на глобалната улога на ЕУ преку развојна соработка, хуманитарна помош и мултилатерален ангажман. Покрај ова, Никозија има за цел и да ја зајакне координацијата меѓу ЕУ и САД за Украина, вклучувајќи ги и дипломатските напори за постигнување на мировен договор, како и да се посвети на состојбата во Газа и на зацврстување на односите на Унијата со земјите од Персискиот Залив.
Кога станува збор за „економските и финансиски работи“, Кипар планира да се фокусира на интеграција на пазарите на капитал, финансиска стабилност и мобилизација на приватни инвестиции во ЕУ. Од тој аспект, клучните законодавни проекти на кои ќе се насочи Кипарското претседателство ќе бидат изградбата на дигиталното евро, финансиската ликвидност, пензиите, одржливото финансирање и стратегијата за инвестиции, се со цел зајакнување на финансиската архитектура на ЕУ во услови на пофрагментирана геополитичка средина.
Во делот на „правдата и внатрешните работи“, Кипарското претседателството ќе им даде приоритет на судската соработка и напредокот во пристапувањето на ЕУ кон Европската конвенција за човекови права. Исто така, Кипар ќе се посвети и на подготовките за стапувањето во сила на новиот Пакт за миграција и азил од јуни 2026, како и на борбата против криумчарењето мигранти, трговијата со огнено оружје и организираниот криминал и на заштитата на децата и на правата на жртвите.
Политиката за „животната средина“ ќе биде насочена кон унапредување на пакетот за т.н. еколошки омнибус и поедноставување на зеленото законодавство, при што приоритетни иницијативи ќе бидат Законот за циркуларна економија и новата Стратегија за биоекономија на ЕУ. Исто така, се планира и започнување на постапката за ревизија на Регулативата за регистрација, евалуација, овластување и ограничување на хемикалиите.
Кипар најавува дека како претседавач со Унијата ќе дејствува како одговорен и чесен посредник, за да се осигури дека „предизвиците се трансформираат во можности и дека амбицијата е усогласена со акција и опипливи резултати“.

Македонски






