Иранскиот парламент денеска усвои нов контроверзен закон со што значително се заострува постоечкиот кодекс на облекување кај жените и мажите, а што веќе предизвика протести низ целата земја и ја разниша стабилноста на исламистичкиот режим.
Новиот закон за „чедност (невиност) и хиџаб“ е усвоен од тврдокорниот парламент и одобрен од Советот на чувари, кој обезбедува усогласеност на законот со Уставот и исламскиот закон.
Законот, за да стапи на сила, допрва треба да го потпише претседателот на државата.
Претседателот Масуд Пезешкијан, кој е критичар на строгиот кодекс на облекување, го изрази своето противење на законот, подготвувајќи се за можен судир со конзервативците кои ја поддржуваат иницијативата.
Неговиот потпис на законот е главно церемонијален, што му дава малку простор да го блокира законодавството. Пезешкијан на социјалните мрежи призна дека ќе биде тешко да се запре законот.
Законот воведува тригодишен пробен период во кој ќе се применуваат построги казни за кршење на хиџабот и несоодветно облекување, и за жените и за мажите. Тој ја дефинира непристојната облека како облека што го открива телото под вратот, над глуждовите и подлактиците кај жените, додека кај мажите забраната се однесува на изложеност под градите, над колената, како и на рамената.