
Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, изјави дека не е сигурен дали ќе може да ја заврши војната во Украина, сосема поинаква изјава од неговото ветување на почетокот на неговиот мандат за брзо завршување на конфликтот.
Не знам. Не можам да ви кажам дали тоа ќе се случи или не, им рече Трамп на новинарите во авионот „Ер Форс Уан“ кога го прашаа дали е уверен дека ќе може да најде крај на борбите, објави Политико .
На прашањето дали завршувањето на војната е приоритет, Трамп им рече на присутните новинари дека би сакал нешто такво да се случи.
За време на кампањата, Трамп вети дека ќе ги прекине борбите меѓу двете земји уште на првиот ден од неговиот мандат. Подоцна се откажа од ветувањето во интервју за списанието „Тајм“, нарекувајќи го „претерување“.
Им помогнавме на многу земји. Ситуацијата со Украина е договор на Бајден, не е мој договор. Се обидувам да го почитувам – рече Трамп во петокот.
Трамп се обиде да посредува во мировен договор меѓу двете земји. Но, тој во минатото се закани дека ќе се повлече од разговорите за ставање крај на војната, поради растечката фрустрација поради продолжувањето на борбите.
Оваа недела, американскиот претседател разговараше по телефон со рускиот претседател Владимир Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски. Неговиот разговор со рускиот лидер „не донесе никаков напредок“, рече тој неколку часа откако двајцата лидери го завршија разговорот.
Неговиот разговор со Зеленски изгледал попродуктивен, според објавата на украинскиот претседател на социјалните мрежи и соопштението за медиумите на Трамп. Двајцата лидери, рече Зеленски, имале „многу важен и плоден разговор“ во кој разговарале за украинската воздушна одбрана, заедничкото производство на одбрана и „заемните набавки и инвестиции“.
Ви кажав дека сум многу незадоволен од мојот разговор со претседателот Путин. Тој сака да оди до крај, само да продолжи да убива луѓе, тоа не вреди – заклучи тој.