Skip to main content

Холандија, Данска и Шведска ќе учествуваат во купување оружје за Украина

Freepik

Данска, Холандија и Шведска денеска потврдија дека ќе учествуваат во купувањето оружје за Украина, во согласност со планот на американскиот претседател Доналд Трамп.

Данска е „апсолутно подготвена“ да се приклучи на програмата и ќе даде финансиски придонес, изјави данскиот министер за надворешни работи Ларс Локе Расмусен пред состанокот со неговите колеги од Европската унија (ЕУ) во Брисел. Холандскиот министер за надворешни работи Каспар Велдкамп, како и шведскиот министер за одбрана Пол Јонсон исто така рекоа дека размислуваат за учество во програмата и обезбедување помош.

Претседателот на САД вчера објави построг став кон Москва во врска со војната во Украина, давајќи му на Кремљ 50 дена да ги прекине борбите или да се соочи со нови економски санкции.

Трамп, заедно со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, објавија договор според кој европските членки на воената алијанса ќе купат оружје во вредност од милијарди долари од САД (вклучувајќи ракетни батерии „Патриот“) и ќе го испратат во Киев.

Германија, најголемата економија во Европа, веќе изјави дека ќе игра клучна улога во програмата нудејќи да купи два системи „Патриот“.

Руте рече дека покрај Германија, Данска, Шведска и Холандија, меѓу потенцијалните купувачи се и други земји од НАТО, вклучувајќи ги Канада, Норвешка, Финска и Обединетото Кралство.

Поврзани вести