
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во говор на Универзитетот Кејо во Токио, каде што ѝ беше доделен почесен докторат во рамки на 30. самит ЕУ–Јапонија, порача деа светот нема да се врати на претходната стабилност и влегува во ера на длабоки и трајни геополитички промени.
Не треба да се залажуваме со надеж дека бурата ќе помине и дека светот ќе се врати во претходната состојба, рече Фон дер Лајен, алудирајќи на големите геополитички потреси.
Како примери ги посочи војната во Украина и надворешната политика на американскиот претседател Доналд Трамп, кои, како што рече, суштински ги променија традиционалните сојузништва и глобалниот поредок.
Таа упати предупредување до светските политички и економски елити дека повеќе не можат да сметаат на старите парадигми на стабилност и предвидливост и подвлече дека Европската Унија мора да ја зајакне својата стратешка отпорност во свет што сè побрзо се менува.