Skip to main content

Европратениците предлагаат забрана за користење на социјални мрежи без родителска согласност за деца под 16 години

Пратениците во Европскиот парламент предложија воведување нови правила со кои би се забранило користењето на социјалните мрежи без родителска согласност за сите лица под 16 години. Целта е да се зголеми заштитата на малолетниците на интернет и да се спречи нивното изложување на штетна содржина.

Предлогот доаѓа откако Комитетот за внатрешен пазар и заштита на потрошувачите на Европскиот парламент денеска го усвои извештајот во кој се изразува загриженост поради неуспехот на големите онлајн платформи да понудат доволна заштита за младите корисници. Пратениците предупредуваат на ризиците од зависност, нарушено ментално здравје и изложеност на нелегални содржини.

Според предложените мерки, минималната старосна граница за пристап до социјални мрежи и видео-платформи би била 16 години, освен доколку родителите не дадат изречна согласност. За пристап до било која социјална мрежа без исклучок, најниската дозволена возраст би била 13 години.

Европратениците бараат и забрана на практики што создаваат зависност или потсетуваат на коцкарски игри, како и дополнителни мерки за заштита на децата од манипулативни алгоритми и комерцијален притисок.

Истовремено, новото истражување на Евробарометар покажува дека две третини од младите меѓу 15 и 24 години се информираат преку социјалните мрежи, додека 78 проценти признаваат дека често се изложени на дезинформации.

Најмногу од анкетираните, 71 процент, сè уште добиваат информации од телевизијата, додека 59 проценти користат дигитални извори како што се портали, блогови и стриминг платформи.

Европскиот парламент треба да гласа за препораките на пленарна седница кон крајот на ноември, а доколку бидат усвоени, тие ќе станат основа за подготовка на законодавни измени во сите земји-членки на ЕУ.

Поврзани вести