Skip to main content

ЕК предвидува благ раст на европската економија и натамошно намалување на инфлацијата

Freepik

Економијата на ЕУ ја почна 2025 година на нешто посилна основа од очекуваното, но стапката на раст оваа година се предвидува дека продолжи да бележи скромно зголемување, по што и покрај растечката несигурност во глобалната политика и трговските тензии, таа се очекува да забрза во 2026 година, се наведува во пролетната Прогноза на Европската комисија објавена денеска.

Претставувајќи ја Економската прогноза „Пролет 2025“, еврокомесарот за економија, продуктивност, имплементација и поедноставување Валдис Домбровскис изјави дека податоците укажуваат оти економијата на ЕУ покажува отпорност и во услови на зголемени трговски тензии и раст на глобалната неизвесност.

Поткрепена од робусниот пазар на трудот и зголемувањето на платите, се очекува економскиот раст да продолжи во 2025 година, иако со умерено темпо. Инфлацијата се намалува побрзо од претходно прогнозираното и е на добар пат да ја достигне целта од два отсто уште во текот на оваа година – рече Домбровскис.

Сепак, според него, и покрај ваквите показатели нема простор за самозадоволство, бидејќи и во перспектива постојат ризици, кои би можеле да ја повлечат економијата надолу.

Затоа ЕУ мора да преземе решителни мерки за да ја зголеми својата конкурентност – потенцира Домбровскис.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, Европската комисија во Прогнозата предвидува реалниот БДП на ЕУ во 2025 година да порасне за 1,1 отсто, а на Еврозоната за 0,9 проценти, што во голема мера е исто темпо на раст какво што имаше и лани. За 2026 година, пак, се очекува растот да се зголеми за 1,5 отсто на ниво на ЕУ и за 1,4 проценти во Еврозоната.

Кога станува збор за инфлацијата, се предвидува од просекот од 2,6 отсто на ниво на ЕУ лани, годинава таа да се намали на 2,3 проценти, по што во 2026 година нејзината стапка би се свела на 1,9 проценти. Слична динамика на намалување се очекува и во Еврозоната со тоа што ланската инфлациска стапка од 2,4 отсто би се намалила на просечни 2,1 за оваа и на 1,7 проценти за следната година.

Поврзани вести