Skip to main content

ЕК побара појаснувања од „Епл“, „Гугл“, „Мајкрософт“ и „Букинг“ за преземените мерки против измами 

Европската комисија побара од технолошките гиганти „Епл“ (Apple), „Гугл“ (Google) и „Мајкрософт“ (Microsoft) и од туристичкиот провајдер „Букинг“ (Booking) да и достават појаснувања за мерките што ги презеле за да спречат финансиски измами на корисниците преку нивните платформи. 

Според портпаролот на Европската комисија за технолошка сувереност, Тома Рение ваквото барање претставува „суштински чекор“ за заштита на корисниците низ целата Европска Унија. 

Рение појасни дека формалното барање за информациите е поднесено врз основа на Законот за дигитални услуги (ДСА) на ЕУ, кој предвидува строги обврски за големите онлајн платформи. Меѓу главните цели на ДСА е и да се спречат илегални и штетни активности и да се создаде побезбеден и пофер онлајн простор за корисниците. 

Четирите компании, според барањето на ЕК, мора да образложат што преземаат за да спречат нивните корисници да претрпат финансиски загуби преку лажни понуди и други измами. 

За „Епл“ фокусот ќе биде на неговата онлајн продавница „Еп Стор“, за „Гугл“ на „Гугл Плеј“, а за „Мајкрософт“ на пребарувачот „Бинг“. 

Комисијата во барањето не прецизира краен рок до кога компаниите треба да ги достават своите одговори, но во пракса тоа трае по неколку недели.  

ЕК соопшти дека за следните чекори ќе одлучи откако ќе ги разгледа добиените одговори. Комисијата врз основа на одговорите може да покрене и формална постапка против компаниите, доколку оцени дека преземените мерки не се доволни и не гарантираат заштита на потрошувачите од измами.  

Доколку компаниите дадат лажни, нецелосни или погрешни информации или не одговорат на барањето на ЕУ, согласно ДСА, можат да се соочат со казни.  

Со исклучок на „Букинг“, чие седиште е во Холандија, останатите три компании се од САД. Одлуката на ЕК би можела да предизвика реакции во Вашингтон, кој и претходно го обвинуваше Брисел дека неправедно ги таргетира американските технолошки гиганти и дека со своите регулативи ја ограничува конкурентноста.