Skip to main content

Дури 63 отсто од Украинците се против избори додека војната не заврши

Податоците од најновата анкета на Социолошкиот центар „Социс“, направена во февруари 2025 година, покажа дека 63 отсто од Украинците се против одржување какви било избори додека не заврши војната, пренесе „Украинска правда“.

Помалку од еден отсто од испитаниците поддржуваат одржување само претседателски избори, околу три отсто се за реизбор само на Врховната Рада (украинскиот Парламент), а уште 29 отсто сакаат истовремено да ги изберат Радата и шефот на државата. Но, повеќе од 63 отсто се против какви било избори додека не заврши војната.

Како што пишува украинскиот портал, претседателот Володимир Зеленски изјавил дека е подготвен да разговара за избори во земјата, но Украинците не сакаат поради загриженоста дека укинувањето на вонредната состојба може да ја ослаби одбраната на земјата.

Претходно, американскиот претседател Доналд Трамп, давајќи изјави за новинарите во Мар-а-Лаго, рече дека ги поддржува барањата на Русија за претседателски избори во Украина, бидејќи, наводно, поддршката за украинскиот лидер паднала на четири отсто.

Украинскиот претседател изјави дека Трамп станал жртва на руските дезинформации. Потоа, Трамп го нарече Зеленски диктатор и рече дека мора брзо да дејствува доколку сака Украина да опстане како земја. Американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс изјави дека изборите во Украина мора да се одржат и дека тие сега се дел од американската политика.

Поврзани вести