
Британската полиција уапси речиси 2.000 лица во еднонеделната акција против мрежите за илегална трговија со дрога „county lines“, соопшти Националниот совет на началници на полицијата (НПЦЦ).
Полициските сили низ земјата во периодот од 23 до 29 јуни извршиле 1.965 апсења, затвориле 241 канал за дистрибуција на дрога и заплениле 501 парче оружје, приближно 178 килограми дрога од класа А и околу 2,4 милиони фунти (3,3 милиони долари) во готовина.
Во Лондон, Метрополитенската полиција уапсила 301 лице, а 111 од нив досега се обвинети. Еден осомничен бил уапсен на адреса во Ајл оф Догс, источен Лондон, и кај него биле пронајдени спортски автомобили, дизајнерски часовници, дрога и повеќе од 5.000 фунти во готовина. Лондонската полиција, исто така, затвори повеќе од 100 канали за дрога и заплени 78 парчиња оружје – вклучувајќи самурајски мечеви и „зомби ножеви“, речиси 70 килограми дрога од класа А и повеќе од 600.000 фунти во готовина.
Мрежите „county lines“ се урбани банди за дистрибуција на дрога кои користат телефонски линии за продажба на дрога, главно крек кокаин и хероин, на клиенти во други окрузи. Нивниот „најкобен елемент“ вклучува експлоатација на ранливи лица, вклучувајќи деца и оние со ментални здравствени проблеми или проблеми со зависноста, со нивно регрутирање за дистрибуција на дрога или со користење на нивните домови како база за дистрибуција, соопшти Метрополитенската полиција.
Во најновата акција, 260 „ранливи или млади лица“ во Лондон беа заштитени со цел да се спречи нивно повторно вклучување во организиран криминал. Според НПЦЦ, полициските сили низ земјата заштитиле вкупно 1.179 лица, пренесе ДПА.