Skip to main content

Бил зафатен со Иран и Газа: Нетанјаху бара одложување на рочиштето во судењето за корупција

Facebook/Benjamin Netanyahu
Facebook/Benjamin Netanyahu

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху побара одложување на судското рочиште во процесот кој се води против него за корупција, наведувајќи ги „регионалните и глобални случувања“ од 12-дневната војна на Израел со Иран, како и континуираните борби во Појасот Газа.

Со почит го молиме Судот да нареди откажување на рочиштата на кои премиерот требаше да сведочи во следните две недели, напиша адвокатот на Нетанјаху во барањето за одложување.

Тој објасни дека Нетанјаху „бил должен да го посвети целото свое време и енергија на решавање на национални, дипломатски и безбедносни прашања од најголема важност“.

Американскиот претседател Доналд Трамп го нарече судењето на Нетанјаху „лов на вештерки“ и во порака на својата платформа „Truth Social“ напиша дека судењето треба веднаш да се откаже или Нетанјаху – „големиот херој“ да биде помилуван“ откако ја заврши војната против Иран.

Израелскиот опозициски лидер Јаир Лапид го предупреди Трамп да не се меша во внатрешните работи на Израел.

Нетанјаху е премиер со најдолг стаж во Израел. Тој негира каква било вина на судењето, кое беше одложувано неколку пати од почетокот во мај 2020 година.

Во првиот случај, Нетанјаху и неговата сопруга Сара се обвинети за прифаќање луксузна стока во вредност поголема од 260.000 долари – меѓу другото и пури, накит и шампањ од милијардери во замена за политички услуги.

Во другите два случаја, Нетанјаху е обвинет дека се обидел да издејствува два израелски медиуми да пишуваат поповолно за него. 

Поврзани вести