
Авион на „Ер Франс“, кој летал на релација Форт де Франс – Париз, бил принуден да се врати на аеродромот во Мартиник само неколку минути по полетувањето, откако бил забележан технички проблем со еден од моторите, објавија француските медиуми.
Според информациите, непосредно по полетувањето десниот мотор на авионот почнал да вшмукува течност, што довело до нарушена циркулација на воздухот и неправилно согорување. Ваквата состојба предизвикала појава на експлозивни звуци и видливи пламени ефекти, што било забележано и од очевидци на земја.
Весникот „Фигаро“ наведува дека кратко по полетувањето се слушнале детонации, но инцидентот поминал без последици по патниците и екипажот.
Како што пренесува порталот „Мартиник Ла Лер“, авионот превезувал 469 патници, а екипажот веднаш го регистрирал проблемот во почетната фаза на летот и ја активирал процедурата за итно враќање.
Пилотот Ришар Рекли изјавил дека сите безбедносни протоколи биле применети без одлагање, по што авионот успешно слетал на аеродромот од кој полетал. Патниците подоцна биле пренасочени на други летови кон нивната дестинација.
Надлежните служби започнале техничка проверка на леталото за утврдување на причините за дефектот.

Македонски



