
Специјалните пратеници на САД Стив Виткоф и Џаред Кушнер пристигнаа во Москва на разговори со рускиот претседател Владимир Путин во обид за постигнување мировен договор за Украина. Авионот со американската делегација слета на московскиот аеродром во 22:35 часот по локално време, потврди новинската агенција ТАСС.
Виткоф и Кушнер пристигнуваат во руската престолнина директно од Швајцарија, каде што во текот на неделата остварија серија средби со високи украински претставници во рамките на Светскиот економски форум во Давос. Претходно денеска, во швајцарското одморалиште се одржа и клучната средба меѓу претседателите на САД и на Украина, Доналд Трамп и Володимир Зеленски.
Главна тема на разговорот е изнаоѓањето решение за конфликтот во Украина. Како што претходно најави Путин, со американските преговарачи планирано е да се разговара и за евентуалната покана до Русија за приклучување кон Одборот за мир, како и за судбината на дел од руските имоти кои беа замрзнати во САД за време на претходната американска администрација.
Се очекува детали за исходот од средбата подоцна да соопшти помошникот на шефот на државата, Јуриј Ушаков, преку телефонски брифинг за новинарите.
На посетата на Виткоф и Кушнер на Москва ѝ претходеше нивната средба со Кирил Дмитриев, шеф на Рускиот фонд за директни инвестиции (РФПИ), што се одржа на 20 јануари во рамките на Светскиот економски форум во Давос. Тие разговори траеја повеќе од два часа зад затворени врати, а Виткоф ги оцени како „многу позитивни“.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, потврди дека на средбата на претседателот Путин со Виткоф и Кушнер, се очекува главна тема на разговорите да биде американскиот предлог за прекин на непријателствата и рамката за иден мировен договор.

Македонски




