Skip to main content

Александер Шаленберг ја презема функцијата канцелар на Австрија

Австрискиот министер за надворешни работи Александар Шаленберг денеска положи заклетва како привремен канцелар на земјата.

Австрискиот претседател Александар Ван дер Белен изјави дека функцијата му ја доверува на членот со најдолг стаж на федералната влада, објави јавниот сервис ОРФ.

Шаленберг привремено ја презема функцијата канцелар откако Карл Нехамер од Австриската народна партија поднесе оставка по неуспехот на преговорите за формирање владина коалиција меѓу неговата партија и Социјалдемократската партија на Австрија и „Новата Австрија и либералниот форум“ (НЕОС).

Нехамер поднесе оставка и од неговото претседателство со партијата и од функцијата канцелар во текот на викендот.

Ван дер Белен потоа му го даде мандатот на лидерот на екстремно десничарската Партија на слободата на Австрија, Херберт Кикл, да формира влада.

Шаленберг сега е вршител на должноста канцелар по втор пат откако беше во 2021 година кога поранешниот канцелар Себастијан Курц поднесе оставка поради обвинувања за корупција и ќе остане министер за надворешни работи додека не се формира нова влада.

За денеска е планиран телефонскиот разговор на Шаленберг со германскиот канцелар Олаф Шолц, а во текот на викендот треба да разговара и со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.

Поради преземањето на функцијата канцелар, Шаленберг мораше да ги одложи планираните патувања во Сирија и Турција.

Поврзани вести