
Граѓаните во општина Аеродром ќе добијат специјални канти во кои ќе можат да одлагаат пластичен отпад. Со проектот кој ќе опфати 600 домаќинства, Аеродром станува првата општина што започнува реализација на системска селекција на пластичен отпад директно од домаќинствата.
Секое пластично шише и пластично пакување отсега ќе имаат своја вредност, а сите ние заедно ќе придонесеме за почисто, поодговорно и поздраво општество. Проектот ќе опфати 600 домаќинства, а првата фаза стартува со 50 домаќинства што ќе добијат специјални канти за селекција на пластика. Ова е првиот чекор кон модел што ќе се проширува низ целата општина – информираат од Општината.
Оттаму објаснуваат дека согласно со новата одлука на Советот на Општина Аеродром, ЈП за комунални дејности ќе го спроведува проектот, ќе ја поттикнува селекцијата кај граѓаните, ќе го собира и транспортира селектираниот отпад и ќе го предава на овластени компании за понатамошен третман.
Овој проект е продолжување на Clean AirDrom, за кој е обезбедено и специјално електрично товарно возило за еколошки транспорт на отпад. Со оваа иницијатива, Општина Аеродром ја намалува количината на мешан комунален отпад, ја штити животната средина и го поттикнува развојот на свесни граѓански навики, велат од Аеродром.

Македонски







