Skip to main content

Туристите ќе може да преспијат по ручек, да се прошетаат, да испијат кафе во возобновеното Македонско село

Претпоставувам дека новата тогашна власт-Социјалдемократскиот сојуз одлучила да направи да не функционира она што го направила претходната влада, како селото така и многу други објекти и многу други проекти коишто биле изградени, вели Ивица Томовски, директорот на СОЗР и член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ во рамките на своето вчерашно гостување на ТВ Алфа, зборувајќи за комплексот „Македонско село”.

Според него, заради таквото неработење Буџетот на државата е оштетен за некои 30 милиони денари за тој период, дел по основ на ненаплатена кирија, дел по основ на осигурување на објектот и обезбедување на целиот комплекс.

Имено, додава тој, ваквиот објект носи загуби со самото негово нефункционирање, а истиот е направен да ги збогати содржините на Скопје кои им се нудат не само на туристите, туку и на домашните посетители.

На моја иницијатива, на иницијатива на претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, ние отпочнавме постапка за повторно да заживее селото, направивме проценка, од Бирото за процена самите тие направија проценка колку ќе изнесува таа закупнина месечно, го дадовме тоа на мислење во Секретаријат за законодавство, добивме од секаде позитивно мислење. Во моментов се подготвува тендерската документација, очекувам дека во наредните пет, шест дена ќе биде објавена, објавата ќе биде во два весници еден на македонски еден на албански јазик, така што економските оператори кои се заинтересирани ќе можат да настапат, јасен е Томовски.

Тој појаснува дека за разлика од минатото, кога тоа не било случај сега клучот оди во рацете на економските оператори, притоа целиот комплекс е поделен на четири лотови за да има поголема конкуренција и да се има можност за различни комбинации на туризмот и угостителството во зависност од тоа со што се занимаваат и за што се заинтересирани повеќе операторите.

Во овие дванаесет автентични куќи коишто ја отсликуваат архитектурата на Република Македонија на мало, на едно место има капацитет од 120 до 150 сместувачки единици каде што може сериозни групи на туристи да се донесат. Има три ресторани, односно има еден автентичен ан, има еден ресторан „Антигона” којшто е од модерен стил и има винотека односно кафе-бар каде што туристите ќе можат да одморат после ручекот, презентира Томовски.

Томовски во овој контекст, потсетува и на фактот дека со доаѓањето на новата власт 2017-2018 година, цената на паркингот била покачена од 30 на 100 денари, а после тоа е раскинат и договорот со тогашниот концесионер и оттогаш целиот објект е целосно затворен, без никаков повик и иницијатива за негово повторно заживување.

По предлог на претседателот на Владата, сите објекти коишто се останати, недовршени, а се од суштинско значење за граѓаните ќе ги преземе Службата за општи и заеднички работи да ги доврши, односно Владата да ги доврши за да бидат во функција. Исто за комплексот факултети односно за тие два објекти ние веќе имаме комуникација со министерката за образование, да направиме некаков пресек и стратегија како најбрзо да го отпочнеме и да го завршиме, информира Томовски и за останатите паралелни проекти.

Поврзани вести