
Кандидатот за градоначалник на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски во интервјуто за „Слободен печат“ тој вели дека во наредниот мандат ќе се обиде да заврши голем број отпочнати или планирани проекти.
Сега почнавме да ја градиме градинката во Дексион, а отпочнуваме и со доградба на едно училиште, така што имаме голем фронт за работа, некои 21 километар и повеќе нови локални улици, патишта. Да не ставам долги рокови, но мислам дека до крајот на наредната година општината ќе добие барем уште пет капитални објекти на својата територија – вели тој.
Во последните 15 години Ѓорче Петров е под градежна експанзија во делот на урбаните населби на општината. Најавено е и градење поголем број станбени и деловни објекти во делот на населбата Влае, што предизвика противење од опозицијата, со образложение дека тоа дополнително ќе го задуши градот Скопје.
Знам дека има душегрижници, најчесто се тие лажни душегрижници, но ќе се обидам да ви објаснам. Точно е дека има градежна експанзија, се гради, но условите се многу подобри во однос на други соседни општини, како што е случајот во Карпош. Работиме барем во мојот мандат и сме посветени да создадеме добри комуникациски врски со „Улици и патишта“. Имаме обезбедено соодветни согласности од сите надлежни и ресорни министерства. Почнувајќи од Министерството за животна средина, каде што поранешната министерка, а сегашен кандидат Каја Шукова е потпишана. Потоа се правеше сценарио дека ние ќе го загрозиме Ѓорче Петров, па дури и Скопје. Имаше закани од некои соседни градоначалници дека ќе ни ја пресекле канализацијата. Имаше многу приказни околу тоа – вели Стојкоски.
Стојкоски нагласува дека не е во надлежност на градоначалникот на општината да го собира сметот, но вели дека е принуден и со тоа да се занимава бидејќи ЈП Комунална хигиена на Град Скопје не си ја врши својата основна функција.