Skip to main content

Презентиран проект за субвенционирање 200 електрични возила за таксисти

Проект за субвенционирање 200 електрични возила за таксисти, дел од заложбите за почист, потивок и поефикасен урбан транспорт, беше презентиран попладнево во Скопје. Во Министерството за животна средина и просторно планирање беше потпишан меморандум за соработка од страна на првиот заменик – претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити и претседателот на Унијата на легални такси превозници, Абдула Рушити.

Меџити во изјава за медиуми рече дека се презентира конкретен и значаен чекор кон трансформација на урбаниот транспорт, субвенционирање 200 електрични возила за таксисти низ целата земја.

– Овој проект е дел од нашите напори за борба против загадувањето на воздухот и подобрување на квалитетот на урбаниот живот. Возилото што го претставуваме денеска е електрично, со највисоки еколошки стандарди, без штетни емисии, без бучава и со висока енергетска ефикасност, појасни Меџити.

Како што беше кажано, овие возила, во неколку фази, ќе ги заменат постојните што користат дизел, бензин или природен гас, носејќи бројни придобивки за граѓаните и животната средина.

– Просечната цена на едно електрично возило е 28.000 евра. Вкупната вредност за 200 возила изнесува приближно 5,6 милиони евра. Министерството ќе субвенционира 15 отсто од цената, односно околу 840.000 евра. Според нашите анализи, замената на овие возила ќе резултира со намалување од над 2.700 тони CO₂ годишно, што е еднакво на засадување на над 120.000 садници, потенцираше Меџити.

Се очекува и значително да се намали урбаната бучава, особено во густо населени зони.

– Ова е конкретен пример за почист, поефикасен и модерен транспорт, што носи директни придобивки за таксистите и граѓаните. Досега, како Министерство имаме преземено повеќе чекори за намалување на загадувањето. Воведовме „Car sharing“ со 100 електрични возила, овозможивме електрични велосипеди и тротинети за јавна употреба, а преку соработка со Европската Унија и програмата „EU for clean air“, реализиравме донација од шест електрични автобуси за Град Скопје, јакнење на капацитетите за мониторинг на квалитетот на воздухот и засадување на десетици илјади садници низ целата држава, нагласи Меџити.

Тој рече дека целта не се само краткорочни мерки, туку градење одржлив систем за справување со загадувањето, преку политики за транспорт, енергија и зголемена еколошка свест кај граѓаните.

Претседателот на Унијата на легални такси превозници, Рушити, исто така, рече дека овој проект ќе биде од корист и за таксистите и за граѓаните.

-Најголема придобивка ќе имаат граѓаните кои ќе дишат чист воздух. Значи во Скопје секојдневно се возат околу три до четири илјади таксисти, замислете колкава е загаденоста, посочи Рушити во изјава за медиуми.  

Поврзани вести