
Реконструиран е дел од локалниот пат Драчево – мотел „Китка“. Со вкупна должина од 6,42 километри и ширина на коловозот од 3,5 метри, патот доби стабилна, функционална и долготрајна сообраќајна инфраструктура, објави денеска на социјалните мрежи премиерот Христијан Мицкоски, во делот „Проекти за трајна промена – темели за сигурна иднина“.
Проектот опфати поставување нов асфалтен слој со дебелина од осум сантиметри, уредување на банкини од двете страни на коловозот, изградба на армирано-бетонски пропусти и потпорни ѕидови, како и оформување отворени канали, риголи, тротоари и ивичници на клучните делови од трасата, објави премиерот.
Се работи за инвестицијата во износ од 63.537.537 денари, обезбедена од Владата преку Министерството за транспорт.

Овој проект има значајно влијание врз подобрувањето на руралната поврзаност, олеснување на секојдневниот транспорт и создавање услови за локален развој, наведува премиерот на Фејсбук.

Македонски



