
Има разлика: нашите противници правеа митинг собрани во ќошот на паркинг, ние правиме митинг во срцето на Скопски Аеродром, со луѓе собрани со мисла и чувства во срцата исполнети со надеж за заедничка иднина и подобар живот. А овие локални избори се токму тоа – чесните луѓе да одлучат за својата улица, своето маало, за нивниот човек со кој ќе градат заедничка иднина, напиша на својот фејсбук профил, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Но, ова се и избори кога се испраќа и политичка порака за тоа како ќе се движи Македонија. А што дознавме од оваа кампања досега? Ние имаме програма, со рокови и проекти, СДСМ има демагогија, трикови и подземни коалиции.
Дознавме дека струмичкиот гуру се вратил од Дубаи и води за Венко кампања во Струмица, дека Венко смета дека судиите се професионални иако имаат два процента доверба, дека си подготвуваат и се крстат во поклони кон Бугарија, дека нема ништо поретко и ендемично од тоа да видиш пратеник на СДСМ на митинг на Венко, дека подобро со Левица и ДУИ да се во коалиција отколку сами да одат на избори, дека Венко не го сака Бранко, но Заев не го даваат, и дека неговите истурени играчи посакуваат линчување и моја смрт – би рекол, ништо ново во СДСМ.
Ве повикувам да гласате и да го направите вистинскиот избор. Затоа што филозофијата на правиот избор е одредница за тоа како ќе ја конструирате вашата иднина. А ова е последната шанса да направиме големи работи за нашата заедница, за нашата татковина.
Дејан Митески е градоначалник кој е близок до граѓаните, кој прави сè за да ги реши проблемите. Мора да бидете свесни дека голем број од проблемите со кои се соочувате, а најхроничен е оној со сметот и неискосените булевари и уредени површини, се должи на нефункционалноста и несоработката на Град Скопје со општината. Затоа, сега нудиме тим кој ќе може да ги реши овие проблеми. Затоа ве повикувам да излезете и да гласате за Дејан Митески за Аеродром и Орце Ѓоргиевски за Град Скопје, како и за советничките листи на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Твоја Македонија“ за Аеродром и Град Скопје.
Со заокружувањето на бројот 9, вие заокружувате за силна општина и функционален град.