Skip to main content

Меџити: Планот за Чаир се преточува во реалност преку нови булевари и општински базен

Градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити, придружуван од стручниот тим задолжен за изработка на Мастер планот за развој на општината, оваа недела изврши серија теренски посети низ неколку населби. Целта на овие активности е директно следење на динамиката на капиталните проекти кои веќе влегоа во фаза на реализација.

Од локалната самоуправа информираат дека за време на увидот биле презентирани досегашните интервенции, како и плановите за следните фази од урбаниот развој. Како клучни проекти кои веќе ја менуваат сликата на локалната инфраструктура се посочени работите на улицата „Ферид Мурат“ и булеварот „Мит’хат Фрашери“, каде се забележуваат видливи подобрувања во сообраќајот, пристапноста и целокупниот урбан стандард.

Мастер планот на Чаир не е само стратешки документ, туку конкретен процес што чекор по чекор се реализира на терен, преку инвестиции што директно го подобруваат квалитетот на животот на граѓаните“, истакна градоначалникот Меџити за време на посетите.

Општината паралелно работи на повеќе фронтови. Во тек е изградбата на новиот општински базен, проект кој се смета за круцијален за развојот на спортот, рекреацијата и активностите на младите во Чаир. Еден од најстратешките сегменти, пак, е проширувањето на булеварот „Цветан Димов“, зафат кој треба да ја зголеми функционалноста и да создаде побезбедна сообраќајна оска. Истовремено, локалната власт воведува современи еколошки стандарди преку поставување на подземни контејнери за поефикасно управување со отпадот.

Поврзани вести