Skip to main content

Ѓорѓиевски: Се воспоставува ред на „Пластичарска“, се постапува и на Зимзоленд каде нема издадено дозвола

Фејсбук / Орце Ѓорѓиевски

Градски инспектори во координација со Државен пазарен инспекторат (ДПИ) и Министерството за внатрешни работи (МВР) денеска спровеле акции на улица „Пластичарска“, како и на Зимзоленд, каде било утврдено дека Град Скопје нема дадено дозвола за таму да се врши дејност.

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски нагласува дека Град Скопје заедно со Инспекторатот и во координација со ДПИ и МВР, спровел широка акција со единствена цел, да се врати редот и достоинството на јавниот простор на целата територија на градот. Изречени биле повеќе од 20 казни.

Како што најавив, така и постапуваме. Нема отстапки, нема компромиси со хаосот. Ги отстрануваме сите појави кои го узурпираат просторот што им припаѓа на скопјани, го попречуваат движењето и го нарушуваат јавниот ред. Скопје мора да биде град во кој владеат правила, а не самоволието. Вработените од ЈП „Градски паркинг“ ги отстрануваа неправилно паркираните возила долж улицата „Пластичарска“. По пријави од граѓани, постапивме и на Зимзоленд. Инспекторатот беше на локацијата и утврди дека градот Скопје нема дадено дозвола за таму да се врши дејност. Констатирани се повеќе неправилности, особено во однос на вршење дејност надвор од објект. Дополнително, за реквизитите и забавните содржини кои не се дел од програмата на Општина Аеродром, наложено е градежниот инспектор од општината да постапи согласно законските регулативи, истакнува Ѓорѓиевски.

Ѓорѓиевски нагласи дека Град Скопје и тој како градоначалник ќе продолжат бескомпромисно да се борат против секоја неправилност, секој обид за узурпација и секој хаос кој го загрозува јавниот простор.

Овој град заслужува ред, а скопјани заслужуваат достоинствено, безбедно и уредено место за живеење. Редот е обврска. И ние ја исполнуваме, додаде Ѓорѓиевски. 

Поврзани вести