Skip to main content

Ѓорѓиевски најави изградба на Културен дом „Есма Реџепова“ во Шуто Оризари

Денес сме во Шуто Оризари – уште една скопска општина која е дел од нашата визија за современо, рамномерно развиено и функционално Скопје, во кое секоја општина добива шанса да го развие својот потенцијал и да придонесе кон заедничкиот напредок.Токму во таа насока, во Шуто Оризари предвидуваме низа инвестиции што ќе создадат подобра локална инфраструктура, повеќе јавен простор и нови можности за спорт, култура и социјална поврзаност. Со изградбата на нов фудбалски стадион, ќе се создаде современ спортски комплекс со терен за голем фудбал, трибини, соблекувални, осветлување и пристапна инфраструктура. Овој стадион ќе биде место каде младите ќе спортуваат, ќе се натпреваруваат и ќе се развиваат, а истовремено ќе може да се користи и за локални и регионални натпревари, како и за различни општествени настани. Исто така, предвидена е и обнова на Спортскиот центар „Шуто Оризари“, со целосна реконструкција на терените, засадување дрвја, зелени површини и урбана опрема. Со оваа инвестиција, центарот повторно ќе стане средиште на спортот, рекреацијата и активниот живот во овој дел од градот, истакна Ѓорѓиевски.

Ѓорѓиевски најави и изградба на Културен дом во Шуто Оризари.

Со изградбата на новиот Културен дом „Есма Реџепова“ на местото на старото матично, вложуваме во културата како темел на заедништвото и локалниот идентитет. Домот ќе биде простор за театар, концерти, изложби, кино проекции и младински активности, но и симбол на достоинството, традицијата и културната енергија на Шуто Оризари. Со тоа оддаваме и посебна почит кон големата Есма Реџепова – амбасадор на ромската култура, која со својот глас го претставуваше не само Шуто Оризари, туку и Скопје и цела Македонија во светот, посочи Ѓорѓиевски и додаде:

„Денес би сакал да промовирам и дел од пакетот социјални мерки. Преку проектот „Скопје – град кој се грижи за сите“ ќе се обезбеди системска, одржлива и праведна поддршка за граѓаните во социјален ризик. Програмата за социјална заштита е стратешки инструмент за подобрување на животниот стандард и целосна интеграција на ранливите групи, преку мерки, активности и сервиси кои овозможуваат рамноправно учество во општествениот живот. Планираме градот да обезбедува поддршка за социјално загрозени семејства и поединци преку финансиска помош, хуманитарни пакети, психосоцијална поддршка и програми за образование и преквалификација. Исто така, преку прифатни центри со 24-часовна грижа и програми за ресоцијализација, ќе им помогнеме на бездомниците да се интегрираат повторно во заедницата“.

Скопје е силно само кога сите негови општини се силни, поврзани и насочени кон иста иднина, вели Ѓорѓиевски.

Овие вложувања се дел од нашата интегрирана визија за Скопје – град кој расте рамномерно, создава можности за сите . Бидејќи Скопје е силно само кога сите негови општини се силни, поврзани и насочени кон иста иднина, смета кандидатот за градоначалник за Град Скопје Орче Ѓорѓиевски.

Поврзани вести