Skip to main content

Во прилепската касарна се одбележа 24-годишнината од загинувањето на бранителите кај Карпалак

Во касарната „Мирче Ацев“ во Прилеп вечерва се одбележа 24-годишнината од загинувањето на десетте бранители кај Карпалак.

Повеќе делегации и роднините на загинатите се поклонија пред спомен-обележјето во касарната, со што го одбележаа чествувањата за загинатите прилепчани при заседа на патот Скопје – Тетово кај месноста Карпалак, кога беше нападнат армискиот конвој.

Полковникот Сашко Палески, команданр на гарнизонот „Мирче Ацев“ во Прилеп рече дека спомените за загинатите ќе се чуваат со порака – никогаш да не се повтори.

„Носим чувство на гордост за хероизмот на нашите другари Нане, Сашо, Веби, Бранко, Горан, Ердован, Дарко, Љубе, Пецо и Марко, припадници на резервниот состав на единицата и емоции на жал и тага поради саможртвата на нашите херои кои како лојални и чесни граѓани ја исполнија својата света должност, положувајќи ги своитее животи на браникот на татковината“,рече Палески.

Игор Петрески, претседател на Здружението „Карпалак“ и еден од преживеаните рече дека Прилеп достојно им се оддолжува на загинатите, но не и целата држава.

„Бараме само малку од малку ова општество да имаше некое внимание кон починатите. Некако како да преминуваат во заборав. Многу загинати, а малку се споменуваат. Се сеќаваат само на наше инсистирање на овој ден“,кажа тој.

Според него, Здружението веќе 24 години се труди и бара плочата кај месноста Карпалак да опстои и да има достојно обележје.

На 8 август 2001 година во заседа поставена кај месноста Карпалак на автопатот Скопје–Тетово загинаа: Сашо Китаноски, Нане Наумоски, Бранко Секулоски, Марко Деспотоски, Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Дарко Велјаноски, Веби Рушитоски, Горан Миноски и Пеце Секулоски, сите од резервниот состав на Армијата.

Поврзани вести