
Почна изборната кампања за повторените локални избори за градоначалници во општините Гостивар, Маврово Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа што ќе се одржат веднаш по новогодишните и божикните празници на 11 јануари 2026 година. Според Роковникот за изборни дејствија, изборната кампања за првиот круг на гласањето започнува на 22 декември на полноќ, и трае со 9 јануари, кога почнува молкот пред гласањето.
Кандидати за градоначалник на Гостивар се Невзат Бејта, како кандидат на коалицијата Вреди и независниот Ваљбон Лимани од НАИ.
Во Врапчиште кандидати за градоначалник се Исен Шабани од НАИ и Зуљхајрат Демири поддржан од
Група избирачи Зуљхајрат Демири.
Во Центар Жупа има само еден кандидат за градоначалник и тоа Аријан Ибраим од Демократска партија на Турците.
Во Маврово и Ростуше, пак, има двајца кандидати и тоа Онер Јакупоски поддржан од Коалиција Твоја Македонија предводена од ВМРО ДПМНЕ и Анес Ахмети кандидат на СДСМ.
Изборите за градоначалник во овие четири општини се повторуваат бидејќи на Локалните избори 2025 таму немаше доволен број граѓани излезени на гласање.
Според податоците од Државната изборна комисија (ДИК), во овие општини во првиот круг на 19 октомври не беше постигната законската излезност од најмалку една третина (33,33 проценти) од запишаните гласачи, што е услов за изборите да се сметаат за успешни.
Во Гостивар одзивот беше 33,31 процент, во Врапчиште – 25,18 проценти, во Маврово и Ростуше – 30,31 процент и во Центар Жупа – 21,49 проценти.

Македонски






