
Пожарите не се појава само во Македонија, сушата и високите температури предизвикаа пожари во цел регион, во Бугарија има над 240, Грција над 50, Турција над 80 активни пожари. И додека регионот брои жртви и повредени, раселени граѓани, испразнети цели села, значителни материјални штети, изгорени куќи и домови, благодарение на брзата и навремена интервенција на службите во Македонија нема жртви или значителна материјална штета како во другите земји – велат од владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
Тие посочуваат дека држави како Грција и Бугарија, кои се членки на Европската Унија, се соочуваат со големи предизвици во справувањето со пожарите и за таа цел веќе го вклучија Механизмот за цивилна заштита и побараа меѓународна помош во борбата со пожарите.
Во земјите од регионот пожарите дојдоа и до населени мести кои зафатија и станбени објекти и куќи, при што од Грција, Турција, Албанија илјадници граѓани се евакуирани од своите домови.
Во Грција има над 50 активни пламени жаришта од кои пет се големи и широко распространети со кои се борат над 200 пожарникари, а пожарот кај Атина зафати и станбени квартови. Потврдени се седум жртви, десетици се повредени, евакуирани и раселени се жители на цели села. Гореа куќи, автомобили, маслинови насади, стада со говеда и цели фарми. Штетите кои се предизвикани се огромни, а изгореа илјадници хектари шумски површини.
Втора држава членка на ЕУ, која побарала меѓународна помош во борбата против огнената стихија е Бугарија, каде што се регистрирани над 240 активни пожари. Во пожарите во соседна држава причинета е голема материјална штета, изгореа станбени и помошни објекти, евакуирани се илјадници граѓани.
Повеќе од 2.619 лица се евакурани и ги напуштиле домовите во Турција поради пожарите. Голем пожарот го зафати градот Бурса кој стигна и зафати куќи. Во Турција животот го загубија десет лица пожарникари додека се бореле со огнените стихии, а 14 се повредени. Таму активни се 80 пожари – посочуваат од владејачката партија.
Додаваат дека во соседна Албанија гори речиси на цела територија на државата, а од југот на државата евакуирани се над 2000 лица, жители и туристи, испразнети се цели села, додека изгореа 21 куќи и црква, а опожарени се и хотели. Во последните 24 часа регистрирани биле 45 активни пожари, од кои 21 сеуште не се ставени под контрола. На терен интервенираат над 1300 оперативни сили од албанските служби, 65 пожарникарски возила, како и хеликоптери на албанските вооружени сили, а на помош и дошле и хеликоптери од Хрватска, Италија и Унгарија. Досега во Албанија изгореле над 450 хектари вегетација, маслинови насади и шумски површини.
Во Косово како активни се водат 12 пожари а најкритично е на југот, каде огнот им предизвика штета на локалните фармери.
Слична е ситуацијата и во Србија. Таму се активни над 100 пожари, особено во близина на Ниш, Врање, Крагуевац и други градови. Ангажирани се над 500 пожарникари со поддршка од хеликоптери.
Во Хрватска, Црна Гора и Босна и Херцеговина огнот уништува куќи, имоти и земјоделски површини.
Целиот Балкан е на силен удар на голема суша и на екстремно високи температура кои се придружени и со ветришта, кои го отежнуваат справувањето и ги зголемуваат ризиците од појава и ширење на пожарите.
За разлика од регионот кој што се соочува со сериозни материјални штети, изгорени куќи, згради, автомобили и загубени човечки животи, во Македонија борбата со пожарите е секојдневна, огнените стихии се ставаат под контрола и предизвикуваат само штети во изгорени шумски површини.
Ангажирани се сите расположливи сили, пожарникари, припадници на Армијата, хеликоптери, теренски возила, доброволци, сите вложуваат натчовечки напори.
До вчера во попладневните часови, на територијата на државата се евидентирани вкупно 16 пожари на отворен простор, од кои осум се активни, шест се ставени под контрола и два се целосно изгаснати – велат од ВМРО-ДПМНЕ.