Skip to main content

ВМРО-ДПМНЕ: Нашите градоначалници покажаа дека може да се раководи транспарентно и во интерес на граѓаните

Во изминатите четири години, градоначалниците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ покажале дека локалната власт може да функционира транспарентно, отчетно и со фокус на интересите на граѓаните, соопшти партијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ наведуваат дека нивните градоначалници работеле со интегритет и визија, а во многу општини ги надминале дадените ветувања и реализирале повеќе од она што било планирано во нивните програми.

„Резултатите се видливи, а граѓаните го потврдија тоа уште во првиот круг на локалните избори одржани на 19 октомври. Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ направи суштинска промена во односите меѓу централната власт и локалната самоуправа“, стои во соопштението.

Според партијата, преку поддршката што Владата им ја овозможува на општините, се реализираат капитални проекти, се обновуваат училишта, се модернизира јавниот транспорт, а истовремено се решаваат долготрајни проблеми со водоснабдување и управување со отпадот.

„Тоа се реални промени што го подобруваат секојдневието на граѓаните. Тоа е моделот на управување што го има ВМРО-ДПМНЕ – модел кој гради, обединува и носи резултати“, се наведува понатаму.

Од партијата додаваат дека локалните самоуправи имаат вистински партнер во Владата, со цел да се создадат подобри услови за живот во сите општини, без оглед на нивната политичка припадност.

„Поддршката не значи само финансиска помош – таа подразбира соработка, отворени врати, континуиран дијалог и заедничко идентификување на потребите на граѓаните и одржливи решенија,“ истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

На крајот од соопштението, партијата ги повикува граѓаните на претстојните избори на 2 ноември да го потврдат овој правец и да гласаат за број 9, со порака:
„За твојот човек, за твоето место, за твојата иднина!“

Поврзани вести