
Градоначалникот на општина Чаир и еден од лидерите на политичкото движење ВЛЕН, Изет Меџити, информираше дека по посетата на Преказ, престојувал во Приштина каде што остварил средба со премиерот на Косово, Албин Курти.
Меџити на социјалните мрежи објави дека средбата се одржала во вилата на Баци Рифат во главниот град на Косово, при што биле разменети мислења за актуелните политички теми и за соработката меѓу Албанците во регионот.
„По Преказ, во вилата на Баци Рифат, во Приштина кај премиерот Албин Курти. ВЛЕН е едно“, напиша Меџити во својата објава.
На фотографијата од средбата, покрај Меџити, се гледаат и градоначалникот на Тетово, Биљал Касами, првиот вицепремиер Беким Сали, како и други претставници од политичкото движење ВЛЕН.
Неговата посета доаѓа во период кога политичкото движење ВЛЕН се позиционира како значаен фактор на албанската политичка сцена во Македонија, а средбата со косовскиот премиер се толкува како сигнал за засилување на политичката комуникација и регионалната соработка.

Македонски

