Skip to main content

Владата отфрла какво било селективно или ограничено информирање на медиумите

Владата реагира на ставот на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) за селективно информирање на медиуми. .

Категорично истакнуваме дека во ниту еден момент не било направено селективно информирање на медиумите, ниту пак ограничување на нивниот пристап до информации од јавен интерес. Станува збор за ситуација во која медиум пред просториите на Клиниката за пулмологија и алергологија побарал изјава, по што – во духот на транспарентноста изјавата беше дадена. Тоа не претставува официјална покана упатена кон еден медиум, туку практика на отвореност кон секој кој ќе побара информација. Во таа насока, со должно почитување кон медиумската заедница, потенцираме дека секогаш е од исклучителна важност сите недоразбирања да бидат разјаснети преку непосредна комуникација со институциите, пред да се изнесуваат јавни квалификации што можат да создадат погрешна перцепција. Цениме дека при ваков начин на презентирање на информации, постои можност да се остави простор кај јавноста за заклучоци кои не се објективни. Дополнително, информираме дека владиниот тим за односи со јавноста, во духот на високата отчетност, веднаш стапи во директна комуникација и со надлежните и со медиумите и даде дополнителни појаснувања, со што уште еднаш беше потврдено дека принципите на транспарентност и достапност се апсолутен приоритет во нашето работење. Како Влада ја користиме оваа прилика да ја потврдиме својата цврста определба за највисок степен на транспарентност, кооперативност и професионалност. Од првиот ден вложуваме максимални институционални капацитети за да обезбедиме еднаков пристап за сите медиуми, навремено информирање и целосна отчетност пред јавноста, истакнуваат од Владата.

Оттаму додаваат дека и во иднина ќе продолжат со оваа пракса, уверени дека само преку прецизно, навремено и целосно информирање се гради доверба, се унапредува демократскиот дијалог и се гарантира интересот на граѓаните.

Претходно Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) изрази загриженост поради, како што велат, самоволието и непрофесионалното однесување на Министерството за здравство и неговите служби за односи за јавност кои денеска не им овозможиле присуство на медиумите при посетата на Клиниката за пулмологија и алергологија.

„Имено, по неколку барања од новинарите кои известуваат во областа на здравство и кои во неколку наврати се обратија до ЗНМ за ова прашање, денеска била повикана само агенцијата МИА за снимање на клиниката, додека останатите медиуми не биле официјално поканети. Ова јасно покажува ограничување на пристапот до настани од јавен интерес, создава впечаток на дискриминација и отвора сомнеж за можност за прикривање на информации“, велат од ЗНМ.

Здружението повика на итна ревизија на практиките на Министерството за здравство и побара на сите медиуми да им се овозможи пристап до информации од јавен интерес.

Поврзани вести