
Советникот Венко Крстевски денеска е избран за в.д градоначалник на Општина Кочани. Кандидатурата на Крстевски со девет гласа беше подржана од советниците на СДСМ, а воздржано гласаше советничката од Левица. Членовите на Советот од ВМРО-ДПМНЕ својата поддршка му ја додадоа на нивниот координатор Гоце Марков.
Гласањето се одвиваше во два круг, при што во првиот според законските одредби се избира в.д градоначалник од вкупниот број членови на Советот – 19. Во поединечното гласање и двајцата кандидати добија по осум гласа, имајќи предвид дека советничката Кристина Атанасова Арсова од ВМРО-ДПМНЕ претходно си поднесе оставка и не гласаше. Поради тоа се премина на втор круг гласање кога изборот се прави со просто мнозинство од присутните советници. На повтореното поединечно гласање советникот Крстевски доби девет гласа, а неговиот противкандидат Мрков доби осум гласа.
По изборот за в.д градоначалникот, Крстевски се заблагодари за поддршката и нагласи дека во наредните шест месеци до локалните избори ќе работи на рехабилитација на градот по големата трагедија и поефикасно функционирање на институциите.
Членовите на Советот на Општина Кочани денеска избираа в. д градоначалник бидејќи градоначалникот Љупчо Папазов поднесе оставка и е еден од осомничените за пожарот во дискотеката „Пулс“ во кој загинаа 61 лице, а повеќе од 200 се повредени.
На 62. седница на Советот на Кочани кандидатура за в.д градоначалник поднесоа советникот Венко Крстевски, избран од група избирачи, додека од ВМРО-ДПМНЕ беше предложен координаторот на советничката група Гоце Марков. Кандидатите за в.д. градоначалник имаа кратки образложенија на своите кандидатури, по што на седницата беа изнесени низа лични дискредитации и навреди за и меѓу предложените кандидати. Поради тоа претседателот на Советот Лазо Митев даде едночасовна пауза, по која се гласаше за предлозите.
На седницата оставка поднесе советничката од ВМРО-ДПМНЕ Кристина Атанасова Арсова. Образложи дека неприфаќа вакво политичко препукување особено што и самата е засегната бидејќи нејзиното дете е едно од повредените во пожарот во дискотеката Пулс.
Прес-конференција одржаа и советниците на СДСМ, кои искажана подготвеност да не делуваат политички во следниот период. Ќе дадат поддршка на в.д градоначалникот и нема да истакнуваат свои предлози за раководители на општинските институции и претпријатија.
Пред оставката на Атанасова Арсова, во Советот на Општина Кочани имаше 19 членови, од кои девет се од ВМРО-ДПМНЕ, осум од СДСМ, еден независен и еден од Левица.