
Стевче Стевановски, кандидат за градоначалник за општина Новаци од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, на денешниот митинг одржан во рамките на изборната кампања, под слоганот „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“, во своето обраќање кон присутните прво се осврна на реализираните проекти, при што Стевановски истакна дека во најголем дел истите биле реализирани со поддршката од Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
Заедно реализиравме над 150 проекти со вредност од над 4 милиони евра, најголемиот проект во историјата на нашата општина трите главни улици кои водат кон новата Индустриска зона Златен клас, вредни 60 милиони денари. Ја изградивме новата водоводна и канализациона мрежа за Индустриската зона во Новаци. Во Добромири изградивме две третини од канализационата мрежа и веќе распишавме тендер за пречистителна станица и до крајот на оваа година Добромири ќе има комплетно нова канализација. Го исполнив и моето ветување за спортско рекреативната патека што го поврзува Новаци со манастирот Рождество на Пресвета Богородица со изградениот амфитеатар и скејт паркот за млади, асфалтиравме и реконструиравме 10 километри патишта, изградивме плоштад во Старавина, нови тротоари, цевководи за Бач и Живојно, атмосферска канализација и нови патишта до сите села“, рече Стевановски и дополни дека во младите и во образованието се вложувало најмногу, наведувајќи ги преземените мерки и реализираните проекти за образование и млади.
„На сите првоодделенци им даваме по 10.000 денари, на сите четвртоодделенци таблети, први во Македонија воведовме бесплатен оброк за секој ученик во основното училиште. На бруцошите им го помагаме академскиот живот на тој начин што целосно им ја плаќаме школарината за прва година прв циклус студии на сите државни универзитети во Македонија. Го реконструиравме фудбалскиот стадион во Новаци, изградивме ново најмодерно спортско игралиште во Бач, теретана на отворено во склоп на спортската сала во Новаци, ги обновивме сите детски паркови во 9 населени места со нови играчки, овозможивме да започне да функционира Младинскиот центар во Новаци“, вели Стевановски.
Стевановски ја сподели својата визија за општина Новаци за наредните четири години и посочи дека со нова енергија ќе се реализираат и низа нови проекти како системи за наводнување, проекти кои ќе значат нова туристичка атракција, како и изградбата на мини пазар во Новаци, со цел општина Новаци да добие европски изглед и функционалност.
Денес пред вас ја претставувам мојата визија за следните 4 години. Ќе изградиме систем за наводнување Новаци до Добромири од акумулацијата Суводол, системот за наводнување е капитален проект за нашите земјоделци, сигурни приноси, стабилно земјоделство и иднина за младите кои сакаат да останат тука. Ќе изградиме зип лајн од Рапеш до Груниште и пристапни скали кај Темнички вир во Градешница затоа што сакаме Новаци да стане нова туристичка атракција. Ќе изградиме мини пазар во Новаци, нашите производи ќе имаат свое место, а нашите земјоделци директно ќе можат да продаваат. Ќе ги уредиме влезовите во селата Далбеговци, Горно и Долно Агларци со лед осветлување“, рече Стевановски.
На крај, Стевановски заклучи дека ќе продолжи со модернизација на селата и економски развој на општина Новаци преку нови инфраструктурни проекти, отворање на нови работни места и поддршка на земјоделците и младите, а во насока на тоа општина Новаци да продолжи да биде општина во која вреди да се живее, да се работи и да се создава иднина.