Како што беше најавено, регистарските таблички на службените возила на Владата, министерствата и на државните институции ќе добијат нов изглед, со цел да се спречат злоупотреби.
Тие ќе бидат изработени со црвена боја како позадина, додека бројките и буквите ќе бидат жолти, за да бидат лесно препознатливи.
Според директорот на службата за општи и заеднички работи на Владата, Ивица Томовски, новиот Правилник за регистарски таблици е веќе изготвен и следната недела ќе биде разгледан на владина седница.
Министерството за внатрешни работи е задолжено да спроведе постапка за набавка на таблици со црвена боја, по што ќе започне процесот на замена. По завршувањето на тендерот, сите институции ќе имаат рок од 30 дена за да ги променат табличките. Ова ќе овозможи спречување на злоупотреби, односно службените возила нема да може да се користат за приватни и за партиски цели, изјави Томовски.
Тој најави и отворање на телефонска линија за пријавување случаи каде што службени возила се користат за недозволени цели.