
Потребен е политички консензус за националните прашања, но опозицијата мора да се соочи со реалноста дека токму нејзините грешки и попустливост од минатото нè доведоа во оваа незавидна позиција, истакна министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски во интервју за МИА.
Тој потсети дека во јули 2021 година во Собранието со речиси целосна поддршка беше изгласана Резолуција за заштита на идентитетските и историските прашања, но тогашната власт брзо го прекршила тој договор.
„Пред скоро точно пет години, на 29 јули 2021 година, во Собранието постигнавме политички консензус за државните позиции поврзани со идентитетот и историјата. Речиси со консензус ја изгласавме таа резолуција, но тогашната влада на ДУИ и СДСМ во рок од неколку месеци потоа го погази тој консензус. Нема дилема дека ни е потребен консензус, но опозицијата мора да сфати дека нејзината попустливост и немањето капацитет да ги согледа последиците од одлуките во 2021 и 2022 година нè доведоа до тука. Нивна функција е да критикуваат, но мора да живеат во рамките на реалноста“, порача Муцунски.

Македонски


