Skip to main content

Украинскиот пијанист Вадим Холоденко вечерва на „Охридско лето“

Вечерва во црквата Света Софија во Охрид, со почеток во 21 часот, во рамките на фестивалот „Охридско лето“ концерт ќе одржи пијанистот Вадим Холоденки. Добитникот на златен медал на натпреварот „Ван Клaјбурн“, Владим Холоденко поседува редок квалитет на пијанизам и исклучителен талент што придонесува тој да добива покани за настапи со реномирани светски оркестри и во престижни концертни сали.

Неодамнешните и идните ангажмани го водат Холоденко како гостин на водечките оркестри во САД (Атланта, Синсинати, Индијанаполис и Филаделфија), на оркестрите во Европа (Фестивалскиот оркестар во Будимпешта, Данскиот национален оркестар, Филхармонискиот оркестар на „Ла Скала“, Лондонската филхаромонија и Симфонискиот оркестар нa Виена), како и во Азија и во Австралија. Во изминатите сезони бил резидентен артист на Симфонискиот оркестар во Форт Ворт (Тексас) и на Оркестарот на СВР Штутгарт во Германија. Во 2025 год. дебитира на фестивалот Би-би-си Промс, а соработува со некои од најпознатите диригенти на денешницата како: Карина Канелакис, Мјунг-Вун Чунг, Кристоф Ешенбах, Иван Фишер, Мари Жако, Кристијан Мачелару, Сузана Малки, Џема Њу, Сер Антонио Папано, Дима Слободениук, Томас Сондергард, Кшиштов Урбански и Казуки Јамада. Постојано баран како рецитален пијанист, тој е исклучителен камерен музичар и настапува меѓу другите со Клара Џуми-Канг, Анастасија Кобекина, Вадим Репин, квартетот „Белчеа“ и гудачкиот квартет „Ерусалим“. Има снимено повеќе албуми со виолинистката Алена Баева со која редовно настапува концертно, а заедничките настапи ги водат во Фиренца, Лондон и Париз.

За „Хармонија Мунди“ Вадим Холоденко ги снима концертите од Григ и Сен-Санс, комплетните концерти за пијано и оркестар од Сергеј Прокофјев и тие се високо оценети од магазинот „Грамофон“, се  „избор на критичарите“ од страна на „Би-би-си мјузик магазин“ и ја добиваат наградата „Златен дијапазон“. Последниот албум издаден за „Кварц мјузик“ во 2022 година со Бетовеновите „Дијабели“ варијации и делото од `Ржевски „Обединетите народи никогаш нема да бидат поразени“ е одлично примен од стручната критика.

Холоденко е роден во Киев, започнува да учи пијано на шестгодишна возраст, а веќе на 13 години заминува на меѓународна турнеја. Учел во Државното училиште „Лисенко“ во Киев, а студирал на Конзерваториумот „П. И. Чајковски“, во класите на Наталија Гриднева, Борис Федоров и Вера Горностаева. Победник е на Меѓународниот натпревар Сендаи (2010), на Меѓународниот натпревар „Ф. Шуберт“ (2011), пред да го добие златниот медал на натпреварот „Ван Клајбурн“ во 2013 година. Вадим Холоденко живее во Луксембург.

Поврзани вести