
Реформската агенда не е само документ на хартија, туку јасна обврска за системски промени и градење институции кои функционираат во служба на граѓаните-вели во интервју за ,,Република” заменик-министерката за европски прашања, проф.д-р Викторија Трајков.Таа зборува и за патот кон Еу, родовата еднаквост и предизивиците со кои се справува Македонија.
Како заменик-министерка за европски прашања, како ја оценувате актуелната фаза на евроинтегративниот процес?
ТРАЈКОВ: Евроинтегративниот процес влегува во суштинска и одлучувачка фаза. Повеќе не зборуваме само за усогласување на законодавството, туку за реална имплементација на реформите. Владата има видливи резултати што ќе ги почувствуваат граѓаните, а не само формално исполнување на обврски. Во време на сериозни геополитички предизвици, проширувањето на Европската Унија не е само политички процес,тоа е стратешка неопходност. За Македонија, европската интеграција претставува јасна определба, но и одговорност која бара посветена работа, храброст и визија.
Подготвена ли е Македонија за Европа?
ТРАЈКОВ: Подготвени сме да работиме, да носиме одлуки и да испорачаме резултати. И затоа веруваме дека со партнерство што се темели на доверба и конкретни проекти, ќе изградиме нешто што ќе трае подолго од еден мандат, подолго од една криза, подолго од една генерација. Европа не смее да биде само идеја. Европа мора да биде резултат. Ни треба Европа што не чека, туку дејствува, што не се двоуми, туку одлучува, што не се плаши од конкуренција, туку ја создава. Европа нема да биде силна ако нејзините делови останат слаби, дека нема да биде стабилна ако нејзините периферии останат несигурни, како и дека нема да биде конкурента ако нејзините економии не растат заедно.

Кои се клучните приоритети од Реформската агенда?
ТРАЈКОВ: Реформската агенда не е само документ, таа е акција. Резултатите се веќе видливи, а фокусот останува на владеење на правото, силни институции и ефикасна имплементација. Токму затоа, Реформската агенда не ја гледаме само како обврска, туку како конкретен план за трансформација на нашето општество. Денес можеме да кажеме дека е постигнат значителен напредок. Во рамки на последниот циклус, од вкупно пријавени чекори, најголем дел се оценети како исполнети, што отвора можност за ослободување на значителни финансиски средства близу 70 милиони евра за поддршка на реформите и инвестициите. Но, истовремено, свесни сме дека процесот не е без предизвици. Дел од чекорите се во таканаречен грејс период, со кратки рокови за исполнување, што бара засилена динамика, подобра координација и уште поголема одговорност од сите институции.
Како Владата обезбедува реална имплементација на реформите?
ТРАЈКОВ: Преку јасни рокови, мерливи индикатори и одговорност. Секој сектор има конкретни задачи и следење на напредокот. Пристапот е системски и дисциплиниран, во согласност со визијата на Премиерот-институции што функционираат, а не само декларативни заложби. Би ги потенцирала и реформите во правосудството кои претставуваат еден од клучните приоритети во евроинтегративниот процес и суштински предуслов за напредок во преговорите со Европската Унија. Фокусот останува на конкретна имплементација на усвоените закони и политики, со мерливи резултати кои ќе донесат реални придобивки за граѓаните.
Колку е важна борбата против корупцијата во овој процес?
ТРАЈКОВ: Тоа е централно прашање. Без доверба во институциите нема европска интеграција. Затоа, реформите во правосудството и механизмите за отчетност се клучни. Нашата цел е систем во кој законот важи еднакво за сите. Подобро владеење на правото значи поголема правна сигурност, што пак привлекува инвестиции. Ефикасната администрација ја олеснува работата на бизнисите. Реформите се темел за одржлив економски раст.

Колку родовата еднаквост е дел од европската реформска агенда?
ТРАЈКОВ: Родовата еднаквост е суштински дел од европските вредности и директно интегрирана во реформската агенда. Не станува збор само за формална еднаквост, туку за реални можности – во институциите, економијата и општеството. Нашиот пристап е системски, преку политики што создаваат еднакви шанси за сите.Владата ја унапредува улогата на жените во општеството преку конкретни мерки – зголемено учество на жените во процесите на одлучување, поддршка за женско претприемништво и политики за усогласување на професионалниот и приватниот живот. Ова е во согласност со реформската визија на Владата и заложбите предводени од за модерно и инклузивно општество.
Зошто е важно родовата еднаквост да биде дел од евроинтегративниот процес?
ТРАЈКОВ: Затоа што европската интеграција не е само економски и правен процес, туку и вредносен. Општество што обезбедува еднакви можности е поразвиено, постабилно и поправедно. Родовата еднаквост не е дополнителна тема – таа е предуслов за вистински напредок. Исто така, треба да се потенцира дека недостатокот на родова рамнотежа во политиката не е само прашање на правичност. Тоа е прашање на квалитет на јавната политика. Континуирано се докажува дека институциите со родово балансирани тимови носат поквалитетни, попредвидливи и подолгорочни решенија. Жените политичарки внесуваат пристапи засновани врз консултација, дијалог, интегрален развој и социјална стабилност, што е неопходно за секој функционален демократски процес.
Не смееме да заборавиме дека европската интеграција започнува дома.Завршени ли се домашните задачи и предизвици?
ТРАЈКОВ: Демократијата, граѓанското општество и активното учество на младите се двигатели на промените. Само преку инклузивен пристап можеме да изградиме општество кое е подготвено за европските вредности.
Европа денес има потреба од силни партнери. Македонија има што да понуди-стабилност, посветеност и јасна европска ориентација. Но, исто така, Европа поставува јасни критериуми: резултати, кредибилност и доследност.
Нашата задача е да покажеме дека можеме да испорачаме. Да ги забрзаме реформите, да ја зајакнеме имплементацијата и да обезбедиме дека ниту една можност нема да биде пропуштена.Европскиот пат не е лесен, но е единствениот вистински пат. Тоа е пат на вредности, на напредок и на иднина.

Кои се вашите очекувања за втората половина на 2026?
ТРАЈКОВ: До средината на 2026 година очекуваме видлив и мерлив напредок во клучните области.Дигитализацијата ќе овозможи побрз и поефикасен пристап до јавни услуги. Економските индикатори треба да покажат стабилен раст, а довербата во институциите да биде значително зголемена.Имаме јасна временска рамка и конкретни цели – и сме фокусирани на нивно исполнување.Соработката со Европската Унија е интензивна, стратешка и континуирана.ЕУ не е само партнер, туку и поддржувач на реформите преку финансиски средства, експертиза и редовен дијалог.Овој процес е заеднички – и успехот на реформите е заедничка цел.
Која е Вашата порака до граѓаните?
ТРАЈКОВ: Европската иднина не е далечна цел- таа се гради секој ден преку реформите што ги спроведуваме. Ова е процес што бара посветеност, но носи конкретни придобивки. Работиме за држава што функционира по европски стандарди – стабилна, правична и просперитетна.

Македонски



