
На Универзитетската клиника за дерматологија во изминатите седум месеци беа третирани 66 пациенти со над 400 лузни кои настадаа во пожарот во дискотеката „Пулс“. На 16 март 2025 година во кочанската дискотека се случи пожар во која животот го загубија 63 млади лица, а над 200 беа повредени. Во лекувањето се вклучени повеќе лекари и специјализарни, а целиот процес на планирање и реализирање е координиран од проф. д-р Катарина Дамевска, директорка на Универзитетската клиника за дерматовенерологија.
Д-р Томче Поповски, специјалист дерматовенеролог неодамна учестуваше на Меѓународниот научно-практичен форум при Југозападниот универзитет „Неофит Рилски“ во Благоевград, Бугарија.
Темата на Форумот беше „Современи пристапи во дијагностиката, предболничкото однесување, лекувањето и следењето на пациенти со изгореници“ , со што им се оддаде почит на жртвите од трагичниот пожар во Кочани и се претставија клинички искуства и современи терапии. Во интервју за „Република“ д-р Поповски говори за третманот на повредените лица во кочанскиот пожар, објаснува со какви повреди најчесто се соочиле, каква улога има дерматологијата во долгорочното закрепнување на пациентите по вакви несреќи, колку е важна психолошката поддршка кај пациентите и колку е важна мултидисциплинарната соработка — пластични хирурзи, дерматолози, физиотерапевти и психолози — во закрепнувањето на пациентите.
Третманот на лузни кај пациенти со тешки изгореници е многу комплексен и долготраен процес, кој бара мултидисциплинарен пристап. Не станува збор само за естетски проблем, туку и за функционален и психолошки предизвик, вели во интервју д-р Поповски.
Во Вашето предавање во Благоевград, Бугарија го споменавте искуството од третманот на повредените од пожарот во Кочани. Што беше најголемиот предизвик со кој се соочивте?
Д-Р ПОПОВСКИ: Јас имав чест да ги прикажам привичните резултати од третманот на лузни од изгореници, кои се спроведуваат на нашата Клиника. На почеток да нагласам дека во лекувањето сме вклучени повеќе лекари специјалисти и специјализанти: Нора Положани, Јулија Митрова Телента, Кујтиме Рушити Мехмети, Ивана Дохчева Карајованов, Ана Петкова, Ангела Ристова, Теута Емини.
Целиот процес на планирање и реализирање е координиран од проф.д-р Катерина Дамевска. Со ова, ние како јавно-здравествена установа ги исполнуваме задолженијата дадени од интердисциплинарната работна група формирана од Министерството за здравство.
Ние во изминатите 7 месеци третиравме 66 пациенти со над 400 лузни.
Досегашните резултати ги презентиравме на меґународниот научно-практичен форум при југозападниот универзитет „Неофит Рилски” во Благоевград, Бугарија насловен „Современи пристапи во дијагностиката, предболничкото однесување, лекуването и следењето на пациенти co изгореници”.
На настанот ги прикажавме првичните резултати од третман на лузни од изгореници кои ги анализиравме во проспективна студија која покажува сигнификантен статистички процент за ефикасност од самата терапија со ласер кој го имаме на клиниката за дерматологија во Скопје, конкретно кај пациентите е во тек петта сесија на третман.
На настанот свои предавања одржаа и проф. д-р Maja Аргирова, началник на Клиниката за изгореници и пластична хирургија при УМБАЛСМ „Н.И. Пирогов”,како и Спец. Д-р Катарина Мирчовска, директор на Општата болница во Кочани.
Форумот претставуваше значајна можност за размена на искуства, знаења и современи медицински пристапи во третманот на пациенти со изгореници и нивните последици.

Со какви повреди и последици најчесто се соочуваа пациентите по пожарот?
Д-Р ПОПОВСКИ: Најчесто пациентите по пожарот се соочуваа со тешки термички повреди – изгореници со различен степен, кои подоцна оставаат лузни и функционални ограничувања. Исто така инхалаторните повреди од вдишување чад и токсични гасови, доведуваат до белодробни компликации и долготрајни респираторни последици.
Покрај физичките повреди, кај многу пациенти се јавуваат и психолошки трауми, анксиозност и посттрауматски стрес. Затоа рехабилитацијата е мултидисциплинарна – покрај хируршки и дерматолошки третман, многу важна улога имаат физикалната терапија, психолошката поддршка и долгорочната нега на лузните за подобрување на квалитетот на животот.
Колку е комплексен третманот на лузни кај пациенти со тешки изгореници?
Д-Р ПОПОВСКИ: Третманот на лузни кај пациенти со тешки изгореници е многу комплексен и долготраен процес, кој бара мултидисциплинарен пристап. Не станува збор само за естетски проблем, туку и за функционален и психолошки предизвик.
Кај овие пациенти често имаме хипертрофични лузни, контрактури, болка, чешање и ограничена подвижност, па затоа третманот вклучува комбинација од физикална терапија, компресивна терапија, локални препарати, ласерски третмани, како инхируршки интервенции.

Дали искуството од Кочани покажа потреба од нови протоколи или подобра организација во третманот на лузни?
Д-Р ПОПОВСКИ: Во оваа фаза, се базираме на општите препораки и упатства за третман на лузни, но доминантен став е индивидуалниот пристап кој го базираме на предходни изработени интерни упатства кој како тим ги направивме на клиниката пред да започнеме со третманот.
Каква улога има дерматологијата во долгорочното закрепнување на пациентите по вакви несреќи?
Д-Р ПОПОВСКИ: Дерматологијата има клучна улога во долгорочното закрепнување на пациентите по тешки изгореници, бидејќи и кога ќе заврши акутното лекување, борбата со последиците на кожата продолжува. Кај овие пациенти често се развиваат хипертрофични лузни, контрактури, хроничен јадеж, болка и чувство на затегнатост, а многу чести се и пигментните промени – хиперпигментации и хипопигментации, кои оставаат и физички и психолошки последици.
Современата дерматологија денес нуди сериозни можности за подобрување на овие состојби. Покрај секојдневната нега, силиконските препарати и компресивната терапија, голема улога имаат ласерските третмани. PDL ласерот делува на васкуларната компонента на лузните – го намалува црвенилото, јадежот и воспалението, додека фракциониот CO2 ласер помага во ремоделирање на задебелените и нефлексибилни лузни, ја подобрува текстурата на кожата и подвижноста кај контрактурите.
Но најважно е што третманот на овие пациенти не е само естетика. Лузната кај пациент со изгореница може да влијае на движењето, спиењето, самодовербата и секојдневниот живот. Затоа дерматологијата е важен дел од мултидисциплинарниот процес на рехабилитација, со цел пациентите не само да преживеат, туку и поквалитетно да продолжат да живеат.
Колку е важна мултидисциплинарната соработка — пластични хирурзи, дерматолози, физиотерапевти и психолози — во закрепнувањето на пациентите?
Д-Р ПОПОВСКИ: Мултидисциплинарната соработка е клучна во закрепнувањето на пациентите со тешки изгореници, бидејќи овие пациенти имаат комплексни последици кои бараат пристап од повеќе специјалности. Токму затоа, од страна на Министерството за здравство беше формирана интердисциплинарна група составена од лекари од различни области — пластични хирурзи, анестезиолози, пулмолози, дерматолози, психијатри и специјалисти по физикална медицина и рехабилитација.
Дали пациентите со тешки изгореници во Македонија денес имаат доволно достапна рехабилитација и долгорочна нега?
Д-Р ПОПОВСКИ: Целта беше пациентите да добијат сеопфатни прегледи и процени преку заеднички, интердисциплинарен пристап, со цел навремено да се детектираат и третираат сите физички, функционални и психолошки последици од изгорениците.
Кај овие пациенти не е доволно да се третира само раната — потребно е долгорочно следење на белодробната состојба, лузните, подвижноста, болката и психичкото здравје. Токму ваквиот координиран пристап овозможува подобра рехабилитација и поквалитетно враќање во секојдневниот живот.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
фото: Приватна архива

Македонски


