
Поранешната пратеничка Лилјана Поповска поднесе до Уставен суд Иницијативата за оцена на уставноста и законитоста на Протоколот од вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија со Бугарија од 17.07.2022 година во Софија потпишан од министрите за надворешни работи на Македонија и Бугарија, врз основа на членот 12 од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија.

Поповска во иницијативата предлага ништовност на протоколот поради прекршување на 14 членови од Законот за склучување, ратификација и извршување на меѓународни договори, 2 члена од Законот за надворешни работи и 3 члена од Уставот. Меѓу прекршените членови од Уставот е и членот 8 за темелните вредности на уставниот поредок, во делот за основните слободи и права на човекот и граѓанинот, слободното изразување на националната припадност и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право.
Протоколот ја нема поминато легалната процедура за негово договарање, усвојување од страна на Владата, потпишување, собраниска ратификација и објава во Службен весник. Протоколот НЕ Е ПОЛНОПРАВЕН АКТ потврден од парламентот, туку само со ЗАПИСНИК од состанок на меѓувладина комисија. Како правно ништовен документ, Протоколот не смее да наметнува штетни дејствија диктирани од соседна земја, ниту на Македонија да и задава крајно непринципиелни и понижувачки обврски, кои задираат длабоко во темелите и содржината на македонската држава, нација, историја, идентитет, се наведува во инцијативата на Попоска.
Извор plusinfo.mk