Skip to main content

Протест против сообраќајно насилство закажан за в сабота во Неготино

Протестен марш, насловен „Стоп за сообраќајното насилство“, закажан е за во сабота во Неготино, информираа вечерва организаторите на настанот, на Фејсбук група посветена на овој град. Протестот ќе се одржи во 14 часот, на улица „Маршал Тито“, кај семафорите.

Време е да ја подигнеме свеста за трагедиите што секојдневно се случуваат на нашите улици. Маршираме за да испратиме силна порака, доста е со жртви на улиците. Овој протест е за Фросина, за Викторија, за сите жртви на сообраќајното насилство и за сите чии животи се изгубени поради немарни возачи и неефикасни институции. Секој од нас е изложен на опасности во сообраќајот. Никој не е заштитен од трагедија. Не смееме да дозволиме оваа серија загуби да продолжи, пишува во повикот за учество во протестот.

Притоа се наведуваат и барањата на протестниот марш – безбедни улици за сите, почитување на пешачките премини, ограничувањата на брзината и правата на сите учесници во сообраќајот. Поголема свест за опасностите, строга контрола за возење под дејство на алкохол и наркотични супстанци. Најстроги казни за сообраќајните насилници, без толеранција за оние што возат без дозвола, без соодветна обука или намерно ги загрозуваат животите на другите. Одговорност од институциите, крај на заташкувањето на сообраќајните злосторства и правна правда за жртвите.

Фросина заслужува правда. Викторија заслужува правда. Сите жртви на сообраќајното насилство заслужуваат правда, порачаа организаторите на настанот.

Истовремено, објавена е и информација дека другарките на Фросина која загина на „Партизанска“ во Скопје, организираат бесплатен автобус од Скопје до Неготино и назад, за сите што сакаат да присуствуваат на протестниот марш.

Поврзани вести