
Ова е битка на чесните против нечесните” – е реченица што вознемири многумина во земјава, пишува на фесјбук професорот Зоран Јовановски.
Таа реченица го менува контекстот, бидејќи битката против корупцијата и непочитувањето на законите ја вади надвор од рамката на битка помеѓу политичките партии и од корен го изместува пристапот од претходните години. Таа реченица кажува дека ништо веќе нема да биде исто како претходно.
Но, битката на чесните против нечесните ќе биде многу тешка битка. Таа бара голема храброст и решителност затоа што противникот е моќен. Нечесните не сакаат функционален систем, не сакаат средување на работите, го сакаат хаосот и сакаат да ги задржат позициите во општеството стекнати од некогаш или тие што во меѓувреме ги изгубиле. Нечесните ќе се обединат без оглед на партиската припадност, тие имаат финансиска моќ која ќе ја користат за да го дестабилизираат општеството, по сите линии и на сите начини.
Маневарскиот простор на нечесните им се стеснува, од ден на ден се’ повеќе. На крајот, на изненадување на нечесните, чесните ќе победат! Мораме да победиме. Затоа што сме побројни и затоа што ова е последната шанса за земјава.