
Претседателот на Собранието Африм Гаши, во присуство на претставници на Државната комисија за спречување на корупција, денеска ја потпиша Политиката на интегритет, што претставува важен чекор во зајакнувањето на транспарентноста и интегритетот во јавните институции. Овој документ има за цел да ги подигне стандардите за етика, отчетност и одговорност во работата на Собранието, осигурувајќи дека секоја акција и одлука е во согласност со законите и највисоките етички норми, соопшти собраниската прес-служба.
Гаши ја нагласи својата целосна посветеност во овој поглед, уверувајќи дека овој важен чин е одраз на неговата лична посветеност и на Собранието за одговорно и непристрасно управување. Тој додаде дека оваа политика ќе создаде морална димензија во дејствувањето на пратениците и институциите, придонесувајќи за зајакнување на довербата на граѓаните во работата на Собранието.
Од друга страна, претставниците на Комисијата за спречување на корупција оценија дека потпишувањето на Политиката на интегритет е важен чекор и позитивен пример што ќе служи како модел за другите институции, покажувајќи сериозност во исполнувањето на високите етички стандарди и спречувањето на корупцијата.
Двете страни се обврзаа на понатамошни чекори во спроведувањето на Политиката на интегритет и следење на спроведувањето на утврдените стандарди, стои во соопштението од собраниската прес-служба.