Сепак се работи за препораки на Фискалниот совет. Во него членуваат луѓе со навистина големо експертско искуство и, секако, тие препораки треба добро да се анализираат, се почитуваат нивните ставови, но, според една мини анализа, како влада сметаме дека е прерано да се оди со зголемување на возрасната граница за пензионирање, изјави Горан Минчев, министер за јавна администрација, во вечерашното интервју во „Топ тема“ на ТВ Телма.
Тој став беше денеска кажан од премиерот. Значи во овој момент останува законското решение кое е на сила, односно 64 години за мажите и 62 години за жените, вели Минчев.
За одење кон еден, така крупен чекор, Минчев смета дека е потребна малку поголема анализа.
Мислам дека треба да се отвори јавна расправа во која што ќе бидат вклучени низа на релевантни фактори за да дојдеме до тоа решение. Затоа што мора точно да знаеме што се добива, а што се губи со евентуална таква измена во такво законското решение, додаде Минчев.