Skip to main content

Перински: Измените на Законот за локална самоуправа ќе донесат поголема одговорност и ред во општините

Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, во своето гостување во емисијата „Програма на градови“ на Македонската телевизија, зборуваше за процесот на подготовка на измените на Законот за локална самоуправа, истакнувајќи дека новите законски решенија ќе овозможат поголема одговорност на градоначалниците и подобра контрола врз јавниот ред и комуналниот хаос.

„ Законот за локална самоуправа е системски закон, темел на децентрализацијата. Ги издржа предизвиците на времето и по повеќе од дваесет годишна примена, нормално е да се јават одредени работи кои треба да се допрецизираат и модернизираат. Затоа влеговме во овој процес. Важно ни беше да е отворен и инклузивен , сите страни кои зависат од неговата имплементација да бидат слушнати и вклучени“, истакна Перински.

Тој појасни дека процесот се одвива во четири фази: првата беше анализа на слабостите, втората – консултации преку четири јавни дебати, третата – креирање на предлог-измените, а завршната ќе биде нивна валидизација, односно донесување на одлука од страна на Владата и поднесување во Собранието. Очекувањата се измените да бидат усвоени на лето, за новите градоначалници да работат по новиот закон.

Како клучна новина, министерот ја истакна можноста за референдумски отповик на градоначалниците.

„Практично главната иницијатива за овој закон е дека не би требало да има незаменлив градоначалник доколку не си ја извршува работата соодветно. Затоа можност за референдумски отповик од страна на граѓаните е најсоодветно решение. Истите тие граѓани му ја дале довербата, и при злоупотреба на таа доверба досега немаа механизам за отповикување,“ нагласи тој.

Дополнително, измените предвидуваат воведување на комунален редар како механизам за зачувување на јавниот ред и заштита на јавните добра.

„ Ние сме сведоци дека системот на централно ниво не работеше согласно потребите на граѓаните. Во моментов сме сведоци на несекојдневни појави за нас, гледаме девијантни однесување, несоодветно постапување со јавното добро. Затоа е многу важно да се воспостави механизмот на комунален редар, на кој ќе му ги зголемиме ингеренции и преку Законот за комуналните дејности. Веќе од следниот мандат градоначалниците ќе имаат обврска да имаат вакви служби за зачувување на јавното добро“ изјави Перински.

Министерот потенцираше дека Владата внимателно пристапила кон измените на овој системски закон, со цел да се постават високи стандарди за ефикасно локално владеење и унапредување на квалитетот на животот на граѓаните.

Поврзани вести