
Поранешниот градоначалник на Град Скопје и истакнат член на СДСМ, Петре Шилегов, остро го критикува актуелното партиско раководство, оценувајќи дека со своите политики свесно ја води партијата кон политички крах.
Во гостување на телевизија Телма, Шилегов изјави дека, според него, сегашното раководство спроведува процес на самоуништување на Социјалдемократскиот сојуз.
„Мислам дека актуелното раководство врши самоубиство на СДСМ. Ако сте раководство на СДСМ и ја уништувате сопствената партија, тоа е самоубиство на Социјалдемократскиот сојуз“, рече Шилегов.
Тој појасни дека ваквата изјава е поврзана со неговите претходни објави на социјалните мрежи, во кои укажува дека македонското законодавство препознава убиство од небрежност и убиство со умисла, но не и, како што посочи, „самоубиство со умисла“ – алудирајќи на свесните политички одлуки што, според него, ѝ нанесуваат штета на партијата.
Шилегов нагласи дека овие ставови директно му ги изнел и на актуелниот претседател на СДСМ, Венко Филипче, на повеќе долги средби.
„Оваа изјава во ваква форма дојде по неколку средби со претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на кои двапати разговаравме по повеќе од три часа. Ставовите што денес ги изнесувам пред јавноста, претходно со аргументи ги образложував и во тие разговори, укажувајќи на потребата од промена на политиките и промени во раководството“, изјави Шилегов.

Македонски




